Охриѓани синоќа во хотелот „Гарден“ имаа можност да вкусат квалитетни италијански вина од регионот Пиемонте. Настанот беше збогатен со настап на младата и талентирана виолинистка Лина Николеска, која неодамна на натпреварот “Giovani musicisti “ што се одржа во Тревизо- Италија освои 3 награда и виртуозот на клавир Емилија Маринова.

Се дегустираа вина од регионот Пиемонте на северот од Италија, еден од најдобрите вински региони во светот, кој е под заштита на УНЕСКО. Таму се одгледуваат само стари сорти винова лоза, а вината се извезуваат на големите пазари во Сад, Русија, Кина… Насадите со винова лоза во Пиемонте се заштитени со закон уште од 1933 и никаде на друго место во Италија или светот ги нема тие сорти. Некои од насадите се стари 150 години и се’ уште даваат квалитетен род.

Бароло и Барбареско се најпознати места во регионот Пиемонте каде се произведува исклучително вино кое квалитетно старее. И после 100 години да се отворат имаат квалитет како да се произведени пред 4 – 5 години. Специфично е тоа што во технологијата на производство не се користат никакви хемикалии, затоа што грозјето од овој регион содржи се што е потребно за едно квалитетно вино да се добие по природен пат. – вели Благоја Велков, импортер на италијанските вина од регионот Пиемонте кај нас.

Квалитетните италијански вина од регионот Пиемонте наскоро ќе можат да се дегустираат во специјализираниот вински бар на Благоја Велков, кој ќе биде отворен во трговскиот центар Амам во центарот на Охрид, но и да се купат во продажниот центар на улица „Марко Цепенков“.

OhridNews