Општините Охрид, Струга, Вевчани и Дебрца се во завршна фаза на консултации за заедничко организирање на прифатилиште за кучиња скитници и други животни. Предвидено е секоја општина да формира своја служба за заловување на животни кои ќе се третираат во заедничкиот стационар што ќе биде изграден во старата ветеринарна станица во селото Белчишта, општина Дебрца.
-Ќе организираме азил за животните. Истите нема да бидат враќани по улиците на Охрид, Струга, Вевчани и Дебрца, туку ќе бидат сместени во прифатилиште во кое ќе го поминат својот живот или ќе бидат прифатени од граѓани кои ќе ги чуваат како домашни животни.-изјави Сашо Алчев, в.д. директор на Ј.П. „Охридски Комуналец“.
Најнапред во подготовките за решавање на оваа проблематика е општина Охрид, каде во рамки на јавното комунално претпријатие ќе функционира одделение за заловување. Набавено е специјално возило и опрема и се вршат интензивни консултации со ветеринари за начинот на функционирање на единицата која се очекува да биде оперативна наредниот месец.
– Следна активност ќе биде евидентирање на домашните миленичиња. Ќе се воспостави систем што ќе овозможи кучињата кои веќе не можат да ги гледаат семејствата да можат да бидат прифатени од други семејства, се со цел примена на Законот за хумано третирање на животните.-објаснува Алчев.
Со изградбата на стационарот во Дебрца, кој постојано ќе биде опслужуван од ветеринар, се очекува да се ставен крај на грдата слика на улиците во охридско и струшко. Во реалзиацијата ќе бидат вклучени невладини организации и друштва за заштита на животни, а четирите општини заеднички ќе аплицираат пред меѓународните фондови за добивање средства неопходни за одржливост на овој скап проект.
Г. Момироски