Двајца пасионирани вљубеници во фотографијата, охриѓаните Петар Боев и Боби Ќосев, деновиве ја објавија фотопубликацијата „Ohrid – through photography“. Како што веќе информиравме се работи за исклучително квалитетен и богато опремен, со фотографии,  промотивен материјал пред се наменет за гостите и туристите кои убавините на  Охрид сега ќе можат да ги понесат со себе. OhridNews има ексклузивна можност да и пренесе на пошироката јавност дел од авторскиот труд на фотографските уметници Боев и Ќосев.



“Ohrid – through photography“ фотопубликација со душа

– Како фотографи ги обезбедивме нашите фотографии и идеен дизајнерски концепт, во овој приватен проект, со намера преку неговата реализација нашиот град да добие уште еден печатен промотивен материјал, кој ќе ги задоволи минималните основни критериуми на печатен материјал за промоција на исклучителните природни и културни вредности кои ги поседува Охрид и Езерото. Тоа ни беше обврска, но и искрена потреба преку своите фотообјективи да го претставиме нашиот град и регион на потенцијалниот гостин. Сметаме дека со нашиот искрен труд ја подготвивме оваа фотопубликација онака како што доликува. Не повеќе за комерцијалниот ефект, туку за оној уметничкиот – духовен момент кој го исполнува секој добронамерен уметник.-велат авторите на фотопубликацијата, Петар Боев и Боби Ќосев.


Следејќи го новиот тренд на печатење на промотивни материјали кои се базираат претежно на поголема застапеност на фотографијата во однос на текстуалната информација, како и финансиските можности, авторите одлучија фотопубликацијата да содржи 40-тина страници. Фотографиите во неа се пропратени со соодветен информативен текст, не преобемен, кој е само на англиски јазик. Информациите ги подготви нашиот познат и признат публицист и новинар во пензија, дописникот на „Нова Македонија“ од Белград, Ристо Кузмановски, а  делови во легендите на фотографиите искористени се од промотивни материјали од претходно издадени публикации за Охрид.


Реализацијата на ова  проект ја помогнаа неколку компании, на кои авторите  им изразуваат голема благодарност.

Се обративме до некоку фирми на кои им ја презетиравме електронската верзија на фотоброшурата и морам да признам дека само неколку од нив, кој се застапени во фотопубликацијата како наши партнери, изразија разбирање и финансиски не поддржаа за да ја испечатиме истата.- истакнаа авторите.


Несомнено е дека реализацијата на оваа публикација која изобилува со прекрасни форографии ќе придонесе за промомоција на природното и културно наследство на нашата земја, но и ќе влијае кон  подигање на јавната свест за нивна поголема заштита во иднина. Ова вредно уметничко презентирање на убавините на Охрид и околината, може да се набави во копаничарското Студио „Барок“ на Стевчо Аиноски, Галеријата „Емануела“ во главната Чаршија и на рецепциите на  хотелите „Гранит“ и „Метропол“.

OhridNews