Охрид во екот на сезоната. „Ако одите со автомобил, она што уште на почетокот ќе ве „извади од такт“ е тоа што нема или едвај ќе најдете слободно место да го паркирате автомобилот, бидејќи паркингот (доколку го има) кај посакуваната плажа, не располага со доволно места за да ги собере сите возила од гостите кои пристигнале на плажата. Ако пак, кон плажа се упатите со комбе возило, е тоа е веќе вистинско патешествие. Се упатувате на една од постојките каде ќе видите како чекаат две до три комби возила. Возачите ве бираат како на пазар, дали вашата дестинација им одговара или не. Внатре веќе испоседнале патници, но се додека возачот не го пополни и последното седиште не тргнува од станицата, што значи дека понекогаш на таа спарнина мора да чекате и по 20 минути и повеќе, освен ако не ве послужи среќа и наиде некој од легалните превозници и успеете да се „спасите“. Ова е дел од текстот објавен на OhridNews во јули минатата година. За жал текстот е „сликата од терен“ секоја година во екот на сезоната.

Истите фалинки и проблеми кои со години никако да се решат. Надлежните или не ги гледаат, или пак мислат дека така треба.

Бучава од сите страни до раните утрински часови, кои буквално ги тераат од Охрид гостите кои сакаат и можат да платат од 40-60 евра за апартман, кои сакаат да поминат пријатна вечер во еден од рестораните на крајбрежјето, кои ги посетуваат културно-историските споменици, кои можат да си дозволат да изнајмат возило кое за еден ден чини над 35 евра, кои даваат бакшиш и кои знаат да ги ценат вистинските вредности на градот на Светите Климент и Наум.

Во нивна замена последните години, во екот на сезоната, Охрид е преполн со млади луѓе со просечна старост до 22 години, кои по цел ден седат, пијат и слушаат гласна музика во становите кои ги изнајмиле за ефтини пари, вечерите ги минуваат во парковите до раните утрински часови, а зад себе оставаат купишта отпад кој екипите од јавното претпријатие „Охридски комуналец“ се принудени да го подигаат и во три смени. Во исто време, секојдневно сме сведоци и на уништени јавни добра во парковите.

Но како што е познато, понудата ја прави побарувачката. Залудни се коментарите на надлежните дека Охрид се стреми кон елитен туризам, кога понудата на градот е далеку од „елитна“. Со години нема стратегија за развој на туризмот, што доведува до хаотичност и незадоволни туристички работници. Охрид тоа не го заслужува!

Т.К.

До кога Охриде секое лето во безредие и против сопствениот интерес?(17.07.2016)