Изминатава деценија Охрид тоне во градежен шут. Честа слика со која се соочуваат жителите во повеќето делови на градот е одлагањето на цврст отпад на несоодветни јавни површини од страна на несовесните граѓани, а се повеќе охриѓани реагираат дека секојдневно во нивните населби никнуваат нови мини-депонии.

Жителите од улицата „Билјанини извори“ во населбата „Бејбунар“, реагираат дека деновиве во нивната околина никнува нова депонија со градежен шут. Тие бараат од надлежните институции навремено да реагираат и соодветно да ги казнат оние кои го кршат законот и законските прописи.

Не знаеме кој точно го носи градежниот шут тука наспроти нашата зграда, но секојдневно багери го истовараат цврстиот отпад на оваа локација. Би било добро, надлежните навреме да реагираат, со оглед на тоа што вакви нови депонии никнуваат секојдневно. Едноставно никаде во светот не е дозволиво, ова што се случува кај нас.“ – велат жителите од улицата „Билјанини извори“ во населбата „Бејбунар“.

Ваква депонија со години може да се забележи кај новоизградените станбени објекти на улицата „Карпош војвода“, каде поголем дел од просторот е „узурпиран“ со градежен шут.

Градежниот шут веќе неколку години е оставен тука зад зградата, а никој досега воопшто не реагирал и не објаснил зошто е тоа така. Сликата е грда, но и нашите деца тука играат, се качуваат по циглите, ги фрлаат бекатоните, а местото воопшто не личи на една урбана средина. Живееме како на некое градилиште.“ – велат станарите од социјалната зграда на улицата „Карпош војвода.“

Со сличен проблем се соочуват и жителите од улицата „Партизанска“ наспроти црквата „Св. Никола“, кои се жалат дека во близина на станбениот комплекс веќе подолг временски период е оставена поголема количина цврст отпад.

Некој градел и го оставил целиот отпад тука. Ова не е нешто ново, туку градежниот шут и циглите зјаат во очите на туристите и граѓаните веќе со години. Неколку пати апелиравме преку медиумите за овој проблем, но за сега никаква иницијатива не е покренета од надлежните институции.“ – велат жителите од улицата „Партизанска“.

Градежен шут веќе со години е „распослан“ и долж неизградената источна трансферзала, каде граѓаните од различни делови на градот го расфрлаат отпадот.

Ваквите случаи на оставање градежен шут на различни локации во градот и околината е честа слика, а поединци и понатаму го одлагаат каде ќе стигнат или пак на најблиската локација, не грижејќи се дека со тоа ја загадуваат околината, а истовремено и создавајќи непријатна слика за минувачите.

Дали во идниот период овие грди слики ќе се повторат и дали надлежните навремено ќе реагираат, ќе покаже времето.