„Охрид трчаТ“ веќе одамна не е само спортска трка, туку и еден спортско-туристички производ кој го слави животот, здравјето, заедништвото. Оваа година го бележиме најголемиот интерес досега, со рекорден број учесници од кои над половина се од странство или други градови на Македонија, рече на денешната прес конференција по повод деветтото издание на „Охрид трчаТ“, Јоне Станкоски од АК „Охрид трчаТ“.

Овој викенд ќе биде полн со енергија, со живот, со насмевки и со луѓе кои ќе ја почувствуваат магијата на градот, не само како туристи, туку и како активни учесници во едно спортско и општествено случување кое обединува. „Охрид трчаТ“ има длабока вредност за локалната заедница, не само заради тоа што го промовира здравиот начин на живот, туку и затоа што дирекно влијае врз локалната економија, преку исполнети сместувачки капацитети, посетени ресторани, локални бизниси… Градот овој викенд ќе живее со трката и тоа не е случајно, туку резултат на посветена работа и визија. Важно е да нагласиме дека ова не е само спортски настан, туку начин за поврзување, создавање пријателства, инспирација на младите и настан за развој на здрави навики кај сите генерации, потенцираше Станкоски.

Посветено работиме цела година за овој викенд да го реализираме така како што треба и така како што заслужува еден град како Охрид кој ние го третираме како голема скапоценост и се трудиме тоа да го оправдаме, кај сите тркачи кои доаѓаат за време на манифестацијата, истакна Иван Цветковски директор на „Охрид трчаТ“ .

Имаме 2.400 учесници, 510 полумаратонци од кои 50% се странци, имаме 70 шатфетни тркачи на штафетниот полумаратон. Самите бројки покажуваат за се што сме работеле изминатата година. Цела година вложуваме многу труд, посетуваме многу трки и се трудиме позитивната енергија која ја испраќаме во јавноста да ја шириме и надвор од Охрид и од Македонија. Од година во година одиме во нагорна линија, што значи уште поголема одговорност за нас и поголем мотив следната година кога ќе е јубилејот да организираме „Охрид трчаТ викенд“ кој ќе остане врежан во сеќавањата на сите оние гости.

Полумаратонската стаза, посочи Цветкоски, од минатата година е проширена во еден круг, а од оваа година „Охрид трчаТ“ е добитник на сертификат за улични трки, што е показател за максимално вложениот труд и во делот на безбедноста согласно сообраќајниот проект и насоките на СВР Охрид со цел тркачите да се чувствуваат безбедно.

Олимпиецот Дарио Иваноски е повторно со нас, имаме интересни тркачи, кои се воодушевени во овие два дена што гледаат во Охрид. Годинава имаме богата програма, вчера почнавме со ноќната трка и експото, денес имаме и панел дискусија на која ќе говориме за општествената одговорност, како и Имлек Протеин Warm Up. Утре ќе има и времен режим на сообраќај и би се извинил на сите граѓани и гости во тој период од три часа од 8 до 11 часот,  што ќе им биде нарушено нивното секојдневие, но се надевам дека ќе сфатат дека ова е еден заеднички интерес, додаде Цветковски.

Илија Милески, началник на Одделението за полиција при СВР Охрид дополни дека од страна на СВР Охрид изготвен е оперативен план за мерки и активности кои треба да се преземат со цел да овозможи безбедно учество на сите учесниците во трките, граѓаните кои ќе гледаат и учесниците во сообраќајот.

Од наша страна преземени се сите мерки, а преку медиумите информирани се граѓаните за времениот режим на сообраќај за кој претходно беше изготвен проект кој е одобрен и може да се спроведе, потенцираше Милески.

Ако погледнеме наназад секоја година бројката на учесници се зголемува, што ни дава за право да кажеме дека начинот на кој што се организира, промовира, Охрид, секоја година е се поатрактивен и трката е таа што ги привлекува огромниот број не само на наши, туку и на странски туристи, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Ме радува и што половина од бројката на тркачи се од други градови од Македонија или од странство. Сметам дека овој тренд во иднина ќе продолжи. Очекувам на наредното 10 јубилејно издание пред се заради иновативноста на екипата која го води „Охрид трчаТ“ нови моменти, за кои заеднички би поразговарале. 10 години не е мала работа да успееш, да истраеш во ова општество такво какво што е, и не е мала работа да имаме бренд продукт, кој за Охрид значи многу. Лично секогаш ќе стојам како градоначалник во поддршка на вакви настани, посебно во спортот и сметам дека во иднина имаме доста што да кажеме како град во заеничка организација со АК „Охрид трчаТ“. На сите кои ќе учествуваат на разните дисциплини утре им посакувам да имаат добра трка, убаво време и секако да уживаат во Охрид, рече Пецаков.

Ваквите настани, истакна Пецаков, се многу значајни и токму затоа, потенцираше, со оваа иста екипа која девет години го гради „Охрид трчаТ“ почнат е и Фестивалот на водени спортови со кој се завршува туристичката сезона.

На почетокот на јуни покрај „Охрид трчаТ“ го имаме и Вино фест, кој привклекува голем број туристи како од земјата така и од странство. Што значи дека со сигурност можеме да потврдиме, гледано првично и низ бројката на учесници на овој настан, а и на сите останати настани, културни или спортски кои сме пробале да ги организираме и ги организираме во овие три години наназад, дека даваат добри резултати и дефинитивно влијаат на туризмот и од економски аспект и од секаков друг, кој е позитива на Охрид, додаде Пецаков, на кој му беше врачен старниот број со кој ќе земе учество во рекреативната трка на 5 километри.

Инаку, трките на 21К и 5К ќе се одржат утре со почеток во 8:15 и 9 часот.

Н.С.Ј.

фото/видео А. Момироска