Рекорден број верници се очекува да присуствуваат на годинешното одбележување на празникот Богојавление – Водици во Охрид. По утринските богослужби во сите парохиски цркви во градот, во 10.30 часот на градското пристаниште ќе се одржи церемонијата на осветување на езерските води во кои ќе биде фрлен чесниот крст, по кој годинава ќе запливаат над 1300 млади. Покрај охриѓани, годинава во не толку студените води на Охридското Езеро (  9 степени Целзиусови) ќе скокаат и момчиња од Битола, Кавадарци, Неготино и други македонски градови, како и една тајфа од Поградец, Албанија. Меѓу капачите ќе има и две женски групи.

Крстот ќе биде фрлен од бродот „Галеб“ кој ќе биде искористен без палење на моторите, поради забраната за пловење на охридските бродови. Среќниот фаќач ќе биде даруван со сребрен крст со позлата тежок над еден килограм, како и со подароци што ги обезбедија кумовите на Водици, браќата Јован и Климе Лотески.

На чинот на осветување на водите на Охридското Езеро ќе присуствуваат 12 градоначалници од Балканот, министри, политичари, претставници на дипломатскиот кор, како и учесниците на Меѓународниот саем за туризам што се одржува во Охрид. Настанот ќе го проследат бројни новинарски екипи од земјава, но и од Србија, Црна Гора, Бугарија и други земји.

По вадењето на крстот, за прв пат ќе следи групно крштевање во Охридското Езеро за кое се пријавени триесетина заинтересирани, меѓу кои и една седумдесет-годишна жена.

И годинава на градскиот плоштад во Охрид предвидена е богата програма. Охриѓани и гостите ќе се загреваат со греана ракија и вино, а ќе се забавуваат со Сузана Спасовска и неколку охридски музички групи.

Поради празникот Водици во центарот на Охрид на сила ќе биде посебен режим на сообраќај, а за безбедноста на капачите и посетителите ќе се грижат 4 медицински тимови со санитетско возило, 6 тима спасители на вода на Црвениот крст и нуркачка екипа.

Традиционална крводарителска акција Водици 2011