Фудбалските клубови Охрид 2004, Шкендија и Вардар не добија лиценци за учество во натпреварувањата во организација на УЕФА за сезона 2012/2013.

Комисијата за лиценцирање ги разгледуваше барањата заедно со документацијата доставена во лиценцната постапка согласно роковите опишани во Правилникот за лиценцирање верзија 5, а прегледани од страна на Одделението за лиценцирање при ФФМ и ја донесе следнава одлука:

На клубовите: ФК Силекс – Кратово, ФК Работнички – Скопје, ФК Ренова – с.Џепчиште,Тетово, ФК Металург – Скопје, ФК Хоризонт – с.Турново, Струмица да им додели условна лиценца за учество во натпреварувањата во организација на УЕФА за сезона 2012/2013 до рокот определен за формирање на АД.

Додека на клубовите ФК Охрид 2004 –Охрид, ФК Шкендија – Тетово, да не им додели лиценца за учество во натпреварувањата во организација на УЕФА за сезона 2012/2013. На клубот ФК Вардар – Скопје, Комисијата за лиценцирање побара од клубот да се достави дополнителен доказ и за кој ќе се одлучува дополнително.

По донесувањето на одлуката, Одделението за лиценцирање ќе ги следи клубовите кои се здобиле со лиценца и доколку се увиди дека има прекршување на некои од критериумите ќе ја извести Комисијата за лиценцирање.

Комисијата за лиценцирање го задржува правото да ја одземе доделената лиценца.

Клубовите кои не се здобиле со лиценца, имаат право на жалба во рок од 3 (три) дена од прием на одлуката на Комисијата за лиценцирање.

Сите горенаведени клубови ја продолжуваат постапката за добивање на лиценца во домашното првенство за сезона 2012/2013.