Како се ближи крајот на летото, со почетокот на есента една од најзначајните традиции на Македонија, а воедно и на Охрид е виното. Бербата е веќе започната, а со самото тоа и славењето на убавото македонско вино. Од денес до 10-ти септември на ул. „Кеј Македонија“ во Охрид, за првпат се случува „Ohrid Wine Fest“.
Фестивал на виното кој трае три дена ќе понуди дегустација и продажба на квалитетно вино, закусна на храна, културно-забавни содржини и музичка програма. Целта на фестивалот е да се претстави долгогодишното македонско производство на вино како наше најзначајно културно наследство и традиција, велат организаторите.
Во културно-музичкиот дел на „Ohrid Wine Fest“ ќе настапат Суперхикс, Фолтин, Ареа, Наум Петрески, Ѓоко Танески, Бекдор Бенд, Александар Јосифовски, Нина Јанева, Камелеон, „Le Trick“ и диџеи, кои се задолжени за дополнително збогатување на убавата винска приказна во Охрид.
Посетителите ќе можат да дегустираат вина од повеќе македонски винарии, но исто така ќе имаат прилика да пробаат и вина од други земји.
Ова е само почеток за „Ohrid Wine Fest’“, приказна која има визија да прерасне во традиционална годишна манифестиција која ќе ја промовира македонската традиција, македонските вина и деликатеси, додаваат организаторите.
Главни покровители на фестивалот се Општина Охрид и германската компанија Костал.
OhridNews












