Жирирањето за престижната награда „Балканика“ која се доделува секоја година за најдобра книга објавена на Балканот, во март ќе се одржи во Охрид, каде што пред 15 години се роди идејата за нејзиното доделување. Идејата за наградата да се додели во Охрид, како што пренесува Дневник,  била на Николај Стојанов, претседателот на фондацијата „Балканика“ во Софија, организатор на изборот за наградата.

Во трка за наградата освен македонскиот претставник Александар Прокопиев со книгата Човечулец, кој втор пат ја претставува Мaкедонија, се и бугарската писателка Здравка Евтимова, Мира Мекси од Албанија, Јон Ротару од Романија, Дејан Стоиљковиќ од Србија, Христос Економу од Грција и Асли Ердоган од Турција
Како и секоја година, за победникот ќе одлучува седумчлено жири, по еден член од секоја земја-кандидат. Годинава македонски претставник е Елизабета Шелева.

Од Македонија единствен добитник на „Балканика“ е Венко Андоновски, кој ја доби наградата во 2002 година за „Папокот на светот“, а жирирањето се одржа токму во Охрид. Македонија беше домаќин на наградата и во 1997 година, кога е установена, и во 2008 година, кога изборот се одржа во Скопје.

Фондацијата „Балканика“ е установена на 3 јуни 1996 година во Охрид од книгоиздателствата „Култура“ од нашата земја, „Библиотека 48“ од Бугарија, „Кедрос“ од Грција, „Фоно“ и „Џан“ (Турција), „Народна книга“ (Србија) и „Паралела 45 “ (Романија) и „Чабеј“ (Албанија).

OhridNews