Глобалните трендови и предизвици поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален и регионален развој, се темите на 10-та јубилејна меѓународна научна конференција „ Охрид- Водици 2022 “ која денеска беше отворена во Охрид.

Оваа генерација е првата што живее во глобално општество чии контури се уште се исцртуваат, порача Рубин Земон, претседател на Програмскиот комитет на конференцијата во поздравното обраќање пред учесниците на собирот. Тој се осврна на човековите активности кои во значајна мера влијаеа врз планетарниот еко-систем, менувајќи го и резултирајќи со последици со кои истиот веќе нема сила да се справува, а човештвото е сериозно засегнато од таквите промени.

Како што истакна Земон, целта на оваа конференција во изминатите десет години е промоцијата на културното наследство и идентитетот.

Од првата одржана конференција полека се збогати содржината, се наметна темата за заштитата на животната средина.  Во овие 10 години, дадовме можеби скромен придонес за науката, но голем за промоција на Охрид во научните кругови, бидејќи во овој период се објавени многу трудови, публикации и зборници поврзани со Охрид од луѓе кои што тука учествувале. Се надевам дека ќе најдеме начин и ќе дадеме придонес за што подобро да се зачува културното наследство особено поврзано со проблемот со УНЕСКО, изјави Земон по воведното обраќање“. 

Обраќање на конференцијата имаше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој се осврна на делот од темата на конференцијата кој се однесува на заканите поврзани со идентитетот како предуслов за државност и заштитата на културното наследство.

Идентитетот е сржта, генетскиот код на нашето постоење и опстојување. Древниот Охрид е бедем на македонскиот национален идентитет, научен и културен центар кој ја промовира Република Македонија како земја која доследно се грижи за своето минато, сегашност и иднина. Вредното културно наследство кое го поседува Охрид, го сочувале генерациите пред нас, а тоа доследно треба да го правиме и ние, порача Пецаков.

За државата посебно во изминативе две години предизвик беше заштитата не само на културното наследство туку и  идентитетот на нацијата. Тоа беше предизвик врз основа на кој што нашата држава падна на неколку испити,  идентитетот е она кое што нас не издвојува од останатите. Оваа тема се поклопи со она што за нас претставува предизвик како држава, и добро е да се разговара за предизвиците кои се поврзани со идентитетот, а секако и за културното наследство. Охрид како град изобилува со многу археолошки локалитети и треба да се гордееме и да го промовираме како заштитен знак, изјави  Градоначалникот за медиумите.

Конференцијата, која поради пандемијата со коронавирусот се одржува хибридно, со физичко присуство и преку платформата ZOOM, ќе опфати 70 учесници од 11 земји кои ќе презентираат 42 научни труда.

К.А.