Како што вели главниот „виновник“ што емисијата е една од најслушаните радио емисии, водителот Жанко ЗШ Голабоски, седумте години брзо изминале, пред се поради интензитетот на работа.
– Се почна спонтано, пред седум години, во неврзан кафе муабет кој го водевме со главниот и одговорен уредник на Супер радио, Сашо Митаноски и ДЏ Тони Џомба. Се договоривме да направиме нешто интересно, спонтано, а името го избрав според екипата која тогаш учествуваше на организираниот турнир во мал фудбал, објаснува Жанко ЗШ.
Емисијата низ годините се менуваше и созреваше во квалитетен радио проект кој полни седум години ги информира, а пред се забавува слушателите.
– Имаме бројни слушатели, не слушаат во такси возилата, во канцелариите, во болниците, но и во странските земји.Сме се корегирале, менувале, затоа што ако не е емисијата интересна, слушателите ќе ја менат фреквенцијата. Затоа и ќе кажам дека секоја добронамерна критика е добредојдена, вели Жанко.
Неизоставен дел од „Охриде не бери гајле“ е музичкиот дел за кој е задолжен Тони Ангелески, познат како ДЏ Тони Џомба.
– На емисијата работам уште од првиот ден на нејзиното емитување. Во текот на емисијата слушателите имаат можност да чујат ретро музика, комерцијални хитови, а често пати исполнуваме и нивни желби. По толку години заедничка работа со Жанко, веќе не се потребни зборови, туку комуницираме со поглед, нагласува Ангелески.
Како што велат Жанко и ДЏ Тони Џомба- клучот за успешна емисија е добрата екипа и меѓусебната позитивна енергија.