Просторот кај Центарот за култура кој деновиве сопствениците на приватните имоти кои ги имаат таму го заградија бидејќи не бил постигнат договор со ЈП „Билјанини извори“ околу издавање на истиот за потребите на јавното претпријатие, повторно ќе биде паркинг, а националната установа ќе има непречен пристап до товарниот влез до кој се пристапува само од таа страна, дознава OhridNews.

Паркингот во иднина ќе го стопанисуваат сопствениците на приватните имоти, за што тие отпочнале соодветна процедура за добивање дозвола за обавување дејност. Велат дека имаат одлична соработка и комуникација со директорката на ЈП „Билјанини извори“ кое сстопанисуваше со паркинг просторот до неодамна, но и покрај добрата волја од нивна страна не успеале да се договорат околу цената за изнајмување на земјиштето за кое јавното претпријатие вчера соопшти дека изнесувала 360.000 денари на годишно ниво. ЈП „Билјанини извори“ со допис ги известило сопствениците дека предложената цена и услови за закуп за нив се неприфатливи и понудило да биде склучен договор под други услови со цена која е неколкукрано пониска.

– JП „Билјанини извори“ ни понуди надомест од 30.000 денари за период од пет месеци, со напомена дека во останатиот дел од годината немаат интерес да стопанисуваат со паркингот. Нашите сознанија од терен говорат дека во сезона од овој паркинг дневно се инкасираат од 200 д 300 евра. И покрај тоа што не е склучен договор оставивме простор од месец септември до сега јавното претрпијатие без надомест да продолжи да стопанисува со паркингот на нашите имоти со надеж дека ќе биде изнајдено компромисно решение, но тоа не се случи. Во дописот кој го добивме од ЈП „Билјанини извори“ стои дека доколку не ја прифатиме понудата може да си го заградиме просторот и слободно да располагаме со истиот, што и го направивме. – изјавија за OhridNews сопствениците на приватните имоти оа паркингот кај Центарот за култура.

Тие велат дека паркингот само кус период ќе биде заграден, а потоа повторно ќе биде ставен во функција, откако ќе ги завршат потребните законски процедури за стопанисување со истиот. Посочуваат дека Центарот за култура во ниту еден момент нема да биде оставен без пристап до товарниот влез до кој единствено може да се пристапи од заградениот паркинг.

-Никој не смее и нема да биде оставен без пристап до својот објект. Центарот за култура ќе има пристап до товарниот влез во секое време, за што установата ќе биде и официјално известена. Нашата постапка не е насочена кон никого, туку само сакаме да ги заштитиме нашите права. – појаснуваат сопствениците на имотите.

Напоменуваат дека просторот на кој се наоѓаат нивните имоти не е паркинг според урбанистичко решение, истакнувајќи дека согласно стариот урбанистчки план за овој дел од Охрид тука е предвидена изградба на мали трговски објекти. Додаваат дека е време градот конечно урбанистички да го дефинира овој простор за кој стручните лица посочуваат дека не е погоден за изградба на катна гаража или друг вид паркинг, бидејќи дополнително ќе го оптовари ионака оптоварениот сообраќај во центарот на градот.

OhridNews

Заграден паркингот позади Центарот за култура, институцијата без пристап до товарниот влез