Речиси сите позначајните случувања и настани во Охрид во 2015 година, се дел од втората годишна ревија на најпосетуваниот интернет портал во регионот OhridNews, која беше промовирана вчеравечер на пригодна свеченост во кафе барот „Cuba Libre“.

Освен поважните дневни теми и настани, во ревијата се поместени и дел од текстовите кои биле најчитани на порталот OhridNews, како и неколку стории за успешни приказни кои ја одбележаа 2015 година. Во рамки на промоцијата беа прогласени најуспешните за 2015 година во избор на редакцијата на OhridNews и им беа врачени пригодни признанија.

Признанието за „Подвиг на годината“ му беше доделено на меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски, кој во текот на 2015 година го реализираше проектот за пренуркување на Охридското Езеро и обезбеди голем број научни сознанија.

Признанието за „Повеќедецениски придонес во образованието“ му беше доделно на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, кој во текот месец декември 2015 година одбележа јубилеј од 45 години постоење.

Признанието за „Најуспешна спортска приказна“ му беше доделено на Ракометниот клуб Охрид, кој во текот на 2015 година бележи најдобри резултати од реоформувањето и се наоѓа на втората позиција на тебелата во Супер лигата.

Признанието за „Најуспешен угостителски бренд“ му беше доделено на кафе барот „Cuba Libre“, кој во текот на 2015 година одбележа 15 години постоење.

Признанието за „Волонтерска активност на годината“ му беше доделено на Здружението за заштита на животни „Анималиа“ од Охрид, кое во текот на 2015 година ја започна програмата за стерилизација и обележување на бездомни кучиња, а во соработка со порталот OhridNews ја започна и онлајн акцијата за вдомување на животни.

На промоцијата на Годишната ревија на настани присуствуваа голем број поддржувачи, бизнис партнери, соработници и пријатели на OhridNews.

Годишната ревија на настани на OhridNews, бесплатно ќе биде дистрибуирана до читателите.

OhridNews

Фото: Емилио

Видео: Добитниците на признанијата од OhridNews изразија големa благодарност за укажаната чест