„Охридњуз“ е годинешен добитник на повелбата „Свети Климент Охридски“ што Комисијата за доделување награди и признанија на Општина Охрид традиционално ја доделува на истакнати личности и институции за особени заслуги за развојот и афирмацијата на градот Охрид во Македонија и пошироко во светот.

Претседателот на Комисијата за доделување награди и признанија, Крсте Стојаноски, на денешната прес-конференција истакна дека нашата куќа во текот на своето двегодишно постоење постигнала резултати што биле очекувани од страна на сите кои веруваа во весникот и, како што рече, „беа со прогресивни сфаќања дека најдобриот начин на кој информацијата ќе стигне до корисниците е преку совремната информатичка технологија“.


Покрај „Охридњуз“ оваа година добитник на повелба е и Анастасика Попоска, специјалист по ортопедија и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, додека третата повелба им е доделена на веслачите репрезентативци Александра и Александар Иваноски.

Највисокото општинско признание, наградата Свети Климент Охридски“ што се доделува за животно дело ја добија писателот и дипломат Трајан Петровски и професорот од ФТУ од Охрид, Миладин Крстаноски.


Петчеланата комисија за доделување награди и признанија одлуката за изборот на лауреатите ја донела едногласно, во силна конкуренција од 18 апликации, од кои шест за наградата и 12 за повелбата.

Церемонијата на доделувањето на наградите е предвидена за утревечер, на Свечената академија по повод патрониот празник на градот, „Свети Климент Охридски“.

Ohridnews