„Дојдовме од сите страни ние за тебе,
Заедно на едно место да те бодриме,
Исток, запад, север, југ се тука за тебе…“
Овие рефрени од популарната „Навивачка“ песна на „Дени те чува“, најдобро ја илустрираат атмосферата што владееше вчера во српската престолнина Белград на натпреварот помеѓу Македонија и светскиот вицепрвак Данска што се одигра во рамки на Европското ракометно првенство. Сите патишта вчера водеа кон белградска Арена која беше обоена во црвено и жолто. Толку многу македонски навивачи на едно место во натпревар кој се игра во сала немало никогаш, а атмосферата која тие ја создадоа тешко може да се опише со зборови. Дел од црвено-жолтата армија навивачи беа и голем број охриѓани кои со автомобили и други превозни средства пристигнаа во Белград. За жал силната поддршка на „фалангата“ не беше доволна, бидејќи нашите ракометари доживеаја уште еден несреќен пораз со гол примен во последната секунда од мечот. Наместо радост, во Арена завладеа молк, нашите ракометни херои како покосени испопаѓаа на теренот, додека нивните дански колеги славеа со своите фанови.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com