– Станува збор за модели од меѓусезонската колекција 2011, зима- лето, кои веќе се продадени во Америка, Италија, Кина, Арапските Емирати. Моделите, во февруари, имаа можност да ги видат клиентите во Њујорк, а како ревија овде за прв пат се прикажуваат, вели Бимбилоски.
– Задоволен сум од тоа како протече настанот и од конечниот резултат и покрај тоа што во организацијата учествуваше мал тим кој работеше со голем ентузијазам. За вакви настани треба многу повеќе да се вложи и од страна државата со цел проектот да биде на повисоко ниво. Пред се треба да им се помогне на оние кои овде дизајнираат и се талентирани, за да создадат добар бренд кој ќе се извезе надвор, изјави за OhridNews Бимбилоски по завршувањето на ревијата.
Бимбилоски, кој е роден во Охрид, постојано е на релација помеѓу родниот град, каде се наоѓа неговата фабрика во која се создаваат креациите и Њујорк и Париз, каде најчесто ги претставува своите колекции во рамки на поголемите светски модни настани.
Во неговата биографија значајно е да се споменат и соработката со познатата модна куќа „Луј Витон“, како и со светски познатиот дизајнер Марк Џејкобс.