Вистинска ода за губењето на човекот во современото општество, прикажана преку комични и трагични елементи на субјективноста и објективноста, ќе има можност да види публиката која ќе ја проследи претставата ,,Полицајци” на Охридскиот татар, чија премиера ќе се одржи на 21 април, наредната сабота.
Режисерската замисла на оваа претстава која ја напишал полскиот писател Славомир Мрожек, е дело на младиот режисер Андреј Цветаноски, која има чест по трет пат да режира претстава во Охрид.
Цветаноски ексклузивно за OhridNews открива дека заедно со актерската екипа, успеале да создадат сопствена приказна за едно судење, во кое владетелот на државата ги суди и ги испрашува сите ликови.
-Всушност целата драма служи како реконструкција на настанот на самиот случај во судот. Претставата зборува за објективитетот за создавањето на едноумие. За да се создаде еден утописки совршен свет во кој сите се среќни и сите исто мислат, се уништува и човекот и неговата субјективност и можноста за размислување на сопствен начин и за сопствени теми. Публиката ќе може да очекува една игра во која има комични и трагични моменти од животот и во која главната порака е тоа дека вистината не може да биде објективна и висината секогаш е субјективн,вели Цветаноски.
Тој е презадоволен од соработката со актерската екипа и очекува дека за кратко време Охридскиот тетар да прерасне во еден од водечките театри во Македонија.
-Мене веќе ми е трета претстава во Охрид, претходно работев на претставите ,,Метаморфози” и ,,Ајде да си речиме уште една”. Се чувствувам како староседелец во Охридскиот тетар. Екипата и јас многу добро се познаваме и добро соработуваме и веќе се разбираме со еден поглед. Она што најмногу ми се допаѓа е поврзаноста на самата екипа меѓу себе, ме воодушевува сиот ентузијазам кој сеуште трае помеѓу самите актери и се надевам дека истиот ќе продолжи да живее уште многу долго, вели Цветаноски.
Цветаноски очекува дека претставта ќе побуди интерес посебно кај помладата публика, која ќе сака да ја види субјективноста во актерите и да ја најде во себе.
Во претставата играат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Стрезо Стаматоски, Ивица Цонев, Адријана Билаловиќ, од Охридскиот Театар и Валентин Костадиноски како гостин од Тетар Комедија од Скопје. Во хорот во претставата, како аматери се вкучени и четворица охридски средношколци.