Првиот информативен портал во Македонија, OhridNews, е на листата на професионални онлајн медиуми, регистар кој денеска на прес-конференција беше презентиран од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Ова е само уште едно признание за професионалното работење на OhridNews, порталот кој веќе 13 години е препознатлив симбол на објективно информирање со висок степен на доверба, а потврда се илјадниците верни читатели и бројните задоволни клиенти кои со успех ги промовираат своите услуги и производи на креативната платформа на OhridNews.
Во регистарот на професионални онлајн медиуми, во кој се содржани имиња на вкупно 72 медиуми, меѓу кои и познати национални агенции и телевизии, се најдоа само уште два портали од Охрид.
Извршниот директор на Советот на етика во медиумите на Македонија Марина Тунева информира дека процесот на креирање регистар на професионални онлајн медиуми е резултат на поширока дебата за потребата од адресирање на проблемите од работата на онлајн медиумите. Посочи дека ставот на ЗНМ и на СЕММ е дека саморегулацијата е најмоќно решение за поттикнување на професионалноста во медиумите, не само во сегашни околности, туку и на подолг рок.
Креирањето на регистарот се одвивал според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а била консултирана и новинарската, медиумската и бизнис-заедницата во државата.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Младен Чадиковски зборуваше за корисноста од креирањето регистар на професионални онлајн медиуми. Информира дека PROMEDI@ MK не се прави од денеска за утре, не е проект што почнал и завршил, туку, како што рече, е еден бескраен проект што ќе трае.
- Професионалните онлајн портали кои се дел од PROMEDI@ се иднината на веб-новинарството во земјава затоа велам дека нема да престане, а нашата вистинска работа допрва почнува. Покрај десетиците средби што ги имавме со новинарите, уредниците, бизнисмените, процесот на убедување да се сфати што значи ова ќе продолжи се до исполнување на финалната цел – препознавање на професионалните медиуми и насочување на бизнис рекламните кампањи кон нив, рече Чадиковски.
Стопанската комора и маркетинг агенциите го прифаќаат моделот и упатуваат јавна препорака кон своите клиенти, своите пари за реклами да ги упатуваат кон медиумите на PROMEDI@, односно кај кого што сакаат од таа листа.
PROMEDI@ е предвидено да има широка примена, за бизнисмените, граѓаните, публиката, за политичарите. Регистарот, како што беше потенцирано, не е даден еднаш засекогаш. Доколку некој од оваа листа ги прекршува стандардите, ќе биде отстранет од листата.
Информациите за тоа кои се членки на регистарот на професионални онлајн медиуми се поставени на веб-страницата на PROMEDI@ МК која од 1 јануари 2020 година ќе стане целосно функционална и редовно ќе се ажурира со податоци за членките на регистарот.
OhridNews