Домашната интернет-публика номинира над 500 македонски веб-адреси кои се натпреваруваат во изборот „Сајт на годината 2013“, меѓу кои и OhridNews, соопшти организаторот на натпреварувањето. Гласањето ќе трае и во следните два дена на www.sajtnagodinata.mk, односно ќе биде затворено на 5 декември (четврток) на полноќ. Победниците ќе бидат прогласени на десетти овој месец на свечена манифестација што ќе се одржи во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Самото доделување на наградите ќе биде пренесувано во живо на официјалниот вебсајт на манифестацијата.

 Со цел да го популаризираат македонскиот веб-простор преку афирмација на најквалитетните, највпечатливите и најиновативните сајтови Media Solutions и системот за онлајн-реклами keepaneye.mk четврти пат го организираат изборот „Сајт на годината“. Селектирајќи од номинациите за кои одлучува публиката, финалниот изглед на списокот со најдобри домашни интернет-адреси го составува жири-комисијата. Таа ги зема предвид следниве параметри: техничка изработка, дизајн, функционалност, содржина, интерактивност и иновативност, односно креативност. Во финалниот избор на комисијата се најде и најдобриот и најпосетуван интернет портал во поширокиот регион OhridNews.

Претседател на годинашната жири-комисија е магистерот по бизнис-менаџмент, Алберт Муслиу, кој е и извршен директор на Асоцијацијата на демократски иницијативи. Оваа организација е со седиште во Република Македонија и има канцеларии во четири земји од Југоисточна Европа. Членови на жирито се и: Гораст Цветковски, актер по професија, како и пасиониран програмер и веб-дизајнер и „зависник“ од видеоигри; Кире Трајковски, дипломиран инженер по информатика со над 16-годишно искуство во новите медиуми и интернет маркетинг-индустријата, а од 2011 година сопственик на агенцијата „Вертиго НМЕ“; Мики Стефаноски, мултидисциплиниран графички дизајнер со искуство подолго од една деценија и арт-директор во маркетинг-агенцијата Saatchi & Saatchi; Никола Анчевски, медиа-директор во Direct Media, генерален секретар на ИАБ Македонија и член на жирито на Superbrands.

На „Сајт на годината 2013“ ќе биде прогласена најдобрата веб-страница во Македонија, а дел од изборот се и останатите категории: најдобар сајт според публика, дизајн, забавен, информативен, спортски, бизнис односно корпоративен, најиновативен, со најбрз раст, за е-трговија, мобилен, за владини т.е. државни институции и најдобар блог. Вклучувајќи ја и носечката, тоа се 13 засебни категории. И годинава освен оние на жирито во вкупните гласови ќе влезе и одлуката на интернет-корисниците. Финалниот сооднос на гласовите е 60 отсто на комисијата и 40 проценти од веб-корисниците. Публиката може да распредели по три гласа во секоја категорија и тоа од по 10, шест и два поена.

OhridNews