Како што приближуваме до 17-ката од Новиот Век, така некако полека сфаќаме дека ниту претходно ниту сега, не успеавме да го направиме посакуваниот позитивен пресврт во Охрид во речиси ниту една сфера на живеењето на градот. Најмалку во стратешкиот пристап. Тој недостиг на стратегија и идеја за охридската иднина е пресликан и во новиот буџет и програми, ништо поинаков од десеттици пред него. Затоa безвредно е трошењето на скапи букви зa ефтини бројки. Бројки кои се менливи, манипулативни и кои ќе се променат по доаѓањето на новиот естаблишмент некаде во Мај. Бројки кои за жал станаа симбол на две десетлетија, време во кое не се разбра дека сепак не е се до бројките. Пардон, до парите.
Има нешто повисоко од тоа. Повисокото впрочем бара политичката основа на програмата за Охрид за нареден среднорочен период да биде предизвикана од потребата за спречување на децениските деградирачки процеси и неопходноста од промоција на вистинските вредности на Охрид што ќе создаде подобар квалитет на живеење на граѓаните и подобра туристичка промоција како една од основните економски гранки. За да биде Охрид, каков што отсекогаш бил .
Охрид е засега единственото УНЕСКО подрачје на Република Македнија, Охрид е и единствено богата ризница на културни и природни вредности. Во секоја цивизизациска перцепција тоа се два моменти врз кои треба стратешки да се конципира функционирањето на градот. Еден ваков град како што е Охрид не може да се управува само преку ад-хок проекти (грото погрешни) кои се моментална интервенција туку преку утврдување на стратегии и процеси за реален и стратешки пристап кон неговата сегашност и иднина. Сметам дека пополезно би било во следниот период да се работи исклучиво носење на стратегии и мерки, а не наплив на ад хок тнр. проекти кои во најголем дел се редовни обврски.
Враќање кон вистинските вредности и кон квалитетната организација на Градот бара процес на мерки и храбри одлуки. Основата на тоа треба да бидат стратешки одлуки, а не времени проекти. Време е за вистински мерки, а не за спинови. Со години реткост се темите на Совет кои се стратешки. Само урбанистички интереси и исти програми. Останува да се надеваме дека новата постава и пред се новата генерација охриѓани на кои треба да им се отстапи место, ќе направат силен дисконтинуитет на се она што досега беше спроведувано во Охрид. Од нас се видело. Удавени секој во своите рамки, мислам дека промашивме и во стратегиите и во придобивките.
Урбанизацијата, на пример, е цивилизациска светска придобивка. И како таква треба стратешки да се позиционира, посебно во вакви области со светско наследство. За жал во Охрид деценија-две наназад се одвива процес на неконтролирана урбанизација кој всушност оди обратно од цивилизациските норми и се карактеризира најчесто со узурпација а не со планска урбанизација. Секако, порано или подоцна тука мора да настапи процес на де-урбанизација и суб-урбанизација и враќање на јавниот интерес и добро. Економскиот развој мора да се конципира врз база на постојните вредности и нивна надградба, а не на неконтролирано градење посебно на станбени површини кои ја уништуваат и економската, но потенцијално и социјалната и демографската слика на Охрид. Да сфатиме пак, не е се во бројките, пардон, во парите. Де-материјализација и враќање на духовните и природните вредности треба да биде силниот удар врз антиохридизмот забележлив изминативе деценија, кој имаше за цел само земање од Охрид. Поимите градежна експанзија и Охрид едноставно не одат еден со друг, барем не во заштитениот дел на градот. Наместо тоа треба да се промовираме процес на охридизација со враќање и зачувување на уникатните вредности, амбиентот и автохтоноста на градот. И тоа треба да ни биде стратешка водилка.
Во таа насока еден 10 годишен Мораториум на градби во централното градско подрачје и крајбрежните зони (колку и да звучи радикално), не би бил на одмет. Зошто? Едноставно затоа што процесот на тнр. досегашна урбанизација ниту ја подобри финансиската ситуација на Охрид , ниту го подобри квалитетот на живеење. Напротив направи непоправливи штети во просторот на одредени локации кои сигурно можеа да бидат поинаку осмислени и валоризирани. Оваа мерка не смее да биде мерка per se, туку стратешки би се поврзала со процес на ревизија на ГУП и ДУПови изведен преку повик кон меѓународна реномирана урбанистичка куќа која ќе предложи оптимални решенија за развој на Охрид без притоа да биде оптеретена од задоволување на локални интереси. Поднесените решенија заедно со изработената функционална анализа за искористливост на крајбрежието би биле основа за планирањето и развојот на Охрид . Истото би се однесувало на непотребноста од тнр. реконстукција (наместо санација) на кејот која евентуално би го загрозила и водениот басен и препознатливиот лик и визури. Секако еден од најклучните моменти за иднината е процесот на де-узурпацијата на површините. Секое едно нарушување кое е надвор од катастарските линии или навлегува во крајбрежниот појас мора да биде санирано и да се нареди враќање на сите узурпирани површини во слободна состојба согласно плановите.
И ова звучи радикално, но нема друг пристап ако сакаме да имаме ред. Потребите за урбанизација на Охрид како потреба на граѓаните, можеби најдобро би било да бидат сконцентрирани на урбанизација на деловите надвор од заштитеното јадро, затоа што и натаму е Охрид. Како Град кој треба да биде предизвик за зелената еконимија и инвестиции, најдобро би било да се инвестира во негово поврзување со велосипедски и пешачки патеки низ целиот град. Поврзувањето на градот и населбите со велосипедски двострани патеки е важно за комуникацијата и за туристичката инфраструктура, но и за заедницата воопшто.
Од аспект на туризмот и неговата специфичност, Охрид треба да размисли да го искористи искуството, на пример, на италијанските езера во развојот на езерскиот туризам. Езерскиот туризам е туризам на вредности, на слобода , на душевен одмор и релаксација. Во контекст на уникатноста, Охрид треба да има само природни плажи и да не се самоуништива со “медитеранизација“. Во таа насока на мерки за враќање на уникатноста на Охрид треба да се преземе отстранување на тнр.палми кои се несвојсвени и естетски пораз за Охрид. Наместо нив да се засадат видови кои се автохтони и препознатливи за Охридското крајбрежје. Во тој контекст неприродно е да не се искористат природните реткости и вреднисти кои ги имаме (да не давам со примери). Неприродно е и да не ги искористиме и приказните, митовите, па тие приказни да ги додадеме на нашите вредности. И да не заборавиме, дека ние носиме и емотивна историја и вредности кои исто така бараат да бидат сочувани.
Од аспект на симболизмот, Охрид е крајезерски град и симболизира вода и водени спортови. Водените спортови- веслање, кајак, едрење, пливање треба да станат симбол на Охрид, како што и биле. Организирање на државни, балкански и европски првенства во водени спортови во Охрид се дел од неговата поинаква промоција. Затоа веднаш треба да се обезбеди локација за монтирање на хангар за сместување на опремата и за одржување тренинзи како и спустна рампа за пловните објекти на спортистите.
Но, некако невидливо сепак мислам дека најкритичното прашање е што Градот ни има недозволливо мала интеракција меѓу самите сограѓани. Тоа предизвикува отуѓеност.Ја чувствуваме сите а не сакаме да зборуваме за тоа. Искористувајќи слични искуства еднаш или двапати годишно корисно би било да се организира заеднички појадок на кејот на Езерото за граѓаните на Охрид што ќе обезбеди некакво зближување на охриѓани. Од друга страна криење зад затемнети автомобили, затвореноста за комуникација, промовирање принцип на навреди на неистомислениците, недостапност и надменост, не се никако дел охридска приказната. Треба да се заменат во контекст на обединетост на сите охриѓани и развивање на охридизмот како филозофија. За тоа да се осигура потребно е да се обезбеди инклузивност на граѓаните пред донесувањето на мерки и одлуки. Тој пристап е потребен веднаш, затоа што или ни следи воздигнување или стрмоглав пад.
И секако Охрид без Езерото не би бил тука каде што е. Системот за одведување на отпадни води кој го штити самото езеро е во се потешка состојба. Нема повисок приоритет од неговата рехабилитација па дури и треба истиот да влезе под управување на Државата затоа што се работи за заштита на националното богатство. Капата над сето тоа е статусот на УНЕСКО. Не сме ни свесни колку евентуалното губење на тој статус ќе не урне, ќе не доиссели, ќе не направи небитни во Светот. Но пред се, свесни ли сме што би значело губењето на квалитетот на водите во езерото заради нас? Исто како што треба да сфатиме дека најголемиот пораст на отселување од градот бара мерки, а не премолчување и уште еден спин.
Ги нафрлив овие мерки како можен стратешки пристап во иднина, без импликација дека се мора да е така, но со цел да се доближам до прашањето:- А што сме направиле лично за Охрид? Што сме донеле и придонеле за градот за езерото? Лично,ете, можеби сум можел веројатно и повеќе. А можеби толку ми било и дадено и овозможено. Можеби и сум погрешил во некои проценки и поддршки кон одредени личности, процеси, одлуки Имав два мандати во советот. Првиот јавно жесток, вториот внатрешно уште пожесток. Каков и да бил, сум го кажал мислењето со аргументи во интерес на Охрид и штитење неговите вредности. И тоа без никаква доза на лукративност. Сметам и дека донесов некои процеси за Охрид, кои допрва ќе станат важни. Не заради тоа да сум во право или не, туку за да отворам и поинакво мислење и поинакви аргументи за иднината на Охрид без разлика дали истите би биле прифатени или не. Нормално, ќе мразат, ќе дискредитираат заради тоа, ама тоа е начинот на борбата по цена и на политичката кариера и на многу друго.
Го напоменувам овој личен пример сега при завршувањето на политичкиот мандат, како урок на сечиј друг. И на оние кои уште повеќе придонесувале и ќе придонесуваат за градот, и на оние кои се чисти лукративци и „фотељаши“ и посебно на оние кои без збор на јавна борба и без став за Охрид, добиваат и ќе добиваат позиции да одлучуваат. Во последниве е најголемиот проблем, затоа што не разговараме, немаме дебата за градот. Се сведовме на сликање и самопофалби. Тука сите изгубивме. Сите кои заедно не успеавме да сфатиме дека со Охрид и Езерото не смее да се игра дневна политика, дека нема тука спроведување на партиски или лични агенди, па чии и да биле тие. Охрид е поголем од секого. Nomina sunt odiosa. Разликата е само во тоа што во еден дел имаме про-охридски и а во друг против охридски активности. Од нас сами зависи на кои ќе им дадеме поголема шанса. И во Мај, и во Новава година и во Новиот период кој стои пред нас. Нека е Среќна 2017 за сите и Господ муабет да ни даде!
Дејан Пановски
советник
Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите