Министрите за надворешни работи и за одбрана на Македонија и на Албанија, Антонио Милошоски, Бесник Мустафај, Лазар Еленоски и Фатмир Медиу денеска во ресторанот Далга во Охрид имаа работен појадок, на кој вкусија охридска пастрмка која инаку е забранета за лов и продажба.

Министерот за одбрана на Албанија Медиу рече дека на менито имало риба, но и други работи и дека домаќините биле гостопримливи. “Рибите пливаат и од едната и од другата страна и на некој начин и тие не поврзуваат и ова што денеска го видовте овде можете да го видите и во Поградец“, рече Медиу.

Охридската пастрмка поради негрижата на човекот е на раб на исчезнување, но очигледно е дека напорите за подигнување на јавната свест за вистинската опасност што и се заканува на овој ендемичен вид риба и на езерскиот еко-систем оди тешко. Минатата недела во рамките на енергетскиот Самит, претседателите од земјите на ЈЕИ извршија симболично порибување на Охридското Езеро со пастрмка и се откажаа од риба на менито во знак на подршка на напорите за зачувување на овој загрозен вид риба.

Нивниот пример не го следеа министрите за надворешни и за одбрана на Македонија и на Албанија кои денеска на менито во Охрид имаа риба.

Г. Момироски
Фото: С. Костоски