Промоцијата на стихозбирката „Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе]“ од Александра Спасеска, во издание на ПНВ Публикации, ќе се одржи на 29 август (вторник) во кафе и бар „Шила“ во Охрид, од 18 часот.
„Прости песни“ во себе го носи гласот на авторката Александра Спасеска, што се јавува како на сон или во мигови на длабоко, мисловно вникнување, и нѐ води низ лавиринтите на она што е таа-жената, лавиринтите на чезнеењето по другиот, таа е гласот што ја исцртува мапата на интимни патувања во себе, длабоко во нејзиниот свет, вели во освртот кон книгата, воедно и модераторка на настанот, поетесата Долорес Атанасова ‒ Лори.
Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката, вели во поговорот поетесата Снежана Стојчевска
Дебитантската стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“. По успешната промоција на „Прости песни“ на Саемот на книгата 2023, и распродадено прво издание за само 13 дена, како и одличното претставување пред домашната публика во Прилеп, авторката, новинарка и преведувачка Спасеска ќе ја претстави „Прости песни“ во Охрид, за кој вели дека е нејзиниот „судбински град“.

Нејзини песни се застапени во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска, што беше промовирана на 35. Поетска ноќ во Велестово, а нејзиниот втор поетски ракопис „Координати на болката“, влезе во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2023 година и се закити со признанието „Антев златник“.
Нејзината поезија била објавувана и во неколку онлајн изданија, печатени антологии и книжевни списанија. Застапена е во печатеното издание на книжевниот зборник „Д Сан Антонио Ривју“ (The San Antonio Review) од Сан Антонио, Тексас (САД). Учествувала на повеќе поетски читања.
OhridNews











