Охридската библиотека денес домаќин на два интересни настани. Промоција на прирачникот „Социо-емоционален развој на деца“ од авторката Верица Пандиловска – Гичева ќе се одржи со почеток во 12 часот, додека од 14 часот ќе гостува библиотекар советник Драгана Типсаревиќ од библиотека „Стефан Првовенчани“ од Краљево Р. Србија која ќе одржи интерактивно предавање на тема: „Библиотеките и промоција на читањето“.
Прирачникот е наменет за воспитувачи, родители и деца до 7 години од предучилишна возраст како и за деца кои се со лесна ментана попреченост на возраст до 11 години. За публикацијата ќе говори авторот, Верица П. Гичева претседател на ЕУ Институт Скопје, а гостин – говорник на промоцијата ќе биде проф. д-р Зенделабедин Шехи. Модератор на настанот ќе биде директорот на Библиотеката м-р Милчо Јованоски, долгогодишен соработник на ЕУ Иститутот Скопје, лектор на здружението и воедно на публикацијата.
Предавањето, пак, „Библиотеките и промоција на читањето“ е наменето првенствено за едукација на вкупниот библиотекарски кадар во охридската библиотека, но и за сите библиотекари од училишните библиотеки, Универзитетот „Св. Апостол Павле“ и ФТУ – Охрид , како и за сите други заинтересирани, стои во соопштението од Библиотеката.

Од Библиотеката соопштуваат дека поради стручното предавање одделот за зајмување утре – петок 14 октомври ќе работи само од 8 и 30 до 14.00 часот.
OhridNews












