,,Збогатување на книжниот фонд на библиотеката“, ,,Заштита на движното културно наследство-библитечни добра“, организирање на манифестацијата ,,Прличеви беседи“ се само дел од успешните проекти кои ги рeализираше Библиотеката ,,Григор Прличев” од Охрид, во текот на изминатата 2013 година. Директорката на библиотеката Александра Белевска истакна дека особено важен проект за понатамошен развој на библиотеката е проектот ,,Автоматизација на библиотечни процеси“.

-Тоа е проект кој библиотеката го реализира во соработка со Националната и Универзитетска Библиотека ,,Св,Климент Охридски“, во рамки на програмата за стручно оспособување на библиотечниот кадар. Со овој проект сите лица кои во библиотеката вршат стручна дејност, беа обврзани да посетат обуки кои ги организираше Националната библиотека во Скопје, вели Белевска.

Таа појасни дека обуките придонеле да се воведе нов начин на евиденција на книжниот фонд во библиотеката.

-Лицата кои досега го обработуваа и го внесуваа книжниот фонд во системот ЦОБИСС 2 сега стручно се оспособија и веќе почнаа да ги внесуваат книгите во еден понапреден систем ЦОБИСС 3, покрај тоа библиотекарите кои работат во позајмна дејност се оспособија да работат во ЦОБИСС 3 зајмување. Ова оспособување на стручниот кадар е важно за унапредување на библиотечната дејност, меѓутоа дава и поголема прегледност во работата со што се обезбедува поголема ефикасност кон читателите, објаснува Белевска.

Таа потенцираше дека покрај овој проект како особено значајна ја смета и ,,Ревизијата на книжниот фонд“ .

-Ревизијата е една пообемна но многу значајна постапка која ја спроведовме во летниот период, преку која првенствено се исчисти и се преброја книжниот фонд со што се добија некои многу значајни показатели. Добивме увид врз општата состојба на фондот, податоци за квантитативната и квалитативната состојба на фондот, показатели за тоа кои книги се помалку барани и треба да одат поназад на полицата, односно се повеќе барани и треба да одат понапред, појаснува Белевска.

Таа истакна дека во текот на изминатата година библиотеката постојано го збогатувала книжниот фонд, односно постојано ја следела книжната продукција и во интерес на читателите ги набавувила најновите светски хитови како што се “Анастасија“од Колин Фалконер, “Педесет нијанси во сиво“ од Ел Џејмс, “Засекогаш“ Сузана Тамаро,  “Рингишпил“ Јелена Бачиќ Алимпиќ и многу дурги.

Покрај тоа библиотеката во текот на 2013 година три пати ги обновила лектирните изданија за средно и основно училиште. Книгите биле  набавени во рамки на проектот ,,Збогатување на книжниот фонд” кој бил финансиран од Министерство за Култура. Исто така била збогатена и комплетната струна литература, односно преку донација на Влада на Република Македонија, Библиотеката добила книги од областа на медицинате, економијате, филозофијате, правото, и други области.

OhridNews