Националната установа Библиотека “Григор Прличев“од Охрид е збогатена со вредна донација на списанија и брошури од сферата на стручната литература. Друштвото за развој на научно-техничката култура ЕМИТЕР д.о.о. од Скопје го збогати фондот на библиотеката во Охрид донирајќи по еден примерок од сите сите достапни броеви на стручното месечно списание ЕМИТЕР – 146 броеви и 4 брошури од сопствената издавачка продукција.

ЕМИТЕР, велат од Библиотеката, содржински може комотно да се смести во ранг на стручна литература, а негува многу области од науката и техниката од кои најзначајни се: електроника, информатика и вештачка интелигенција, електротехника, машинство, енергетика, автомобилска техника, астрономија и астронаутика, историја и археологија, медицина, хемија, физика и астрофизика, математика и т.н..

Но секако, најзначајниот и најбараниот сегмент се комплетните проекти за самостојна градба на електротехнички и електронски направи и уреди, аудио уреди, автоматски системи, машински склопови и т.н.. Овие проекти се многу значаен извор на теми и знаења за изведување на семинарски, матурски и дипломски трудови за потребите на средношколците и студентите, велат од Библиотеката.

Од Библиотеката упатуваат благодарност за динацијата и велат во очекување се на примероци од новите изданија на оваа издавачка куќа, кои ќе се вистинско богатство и извор на релевантни информации од сферата на науката и техниката, насушно потребни за читателската публика.

Ohridnews