Наскоро сите комерцијални бродови кои пловат на Охридското Езеро ќе имаат радио станица, која ќе биде поврзана во систем што ќе го опслужува Капетанијата на пристаништата.

Во текот на оваа недела, а најдоцна првата недела од јуни, охридската бродска флота ќе биде приклучена во системот на комуникација со радиостаници. Капетанијата на пристаништата ќе обезбеди диспечерска служба, која најпрвин ќе биде двосменска, а во текот на главната смена ќе бидат организирани и три смени.-изјави Горан Устијаноски – раководител на Капетанија на пристаништата Охрид.


Покрај патничките бродови, оваа одредба од правилникот за пловидба на сопствена иницијатива ќе ја почитуваат и два пловни објекти за научни цели на Хидробиолошкиот завод, а интерес пројавиле и сопственици на рекреативни чамци. Според капетанијата, вградувањето на радиостаници во бродовите ќе придонесе за зголемување на безбедноста во водниот сообраќај на Охридското Езеро, каде за врска сега се користат мобилните телефони.

-Мобилен телефон си е мобилен телефон и никогаш никој немал обврска да го вклучи или исклучи, имало мрежа, па немало, а радиостаницата мора да е вклучена. Тогаш ако не слушне едниот, ќе слушне другиот, бидејќи сите пловни објекти ќе се поврзани во системот.-истакна Устијаноски, посочувајќи дека  Охридското Езеро е едно од ретките места во светот каде бродската флота нема радио врска.


Иницијативата на Капетанијата ја поздравија охридските бродари, кои сметаат дека било крајно време да се преземе ваков чекор.

-Контактот со капетанијата не може да биде изоставен бидејќи е мошне битен за безбедноста. Ако капетанијата не е известена каде се движат пловните објекти, што прават, безбедноста е на пониско ниво.-вели Драган Наумовски заповедник на бродот „Александрија“.

Бродарите посочуваат дека во светот е незамисливо да се одвива воден сообраќај без радио врска, а освен радиостаници, пловните објекти поседуваат и современ навигационен систем (GPS), радари и друга опрема за сигнализација и безбедна пловидба.

Г. Момироски