За прв пат после 1943 година, охридската фамилија Мострови успеа да се собере во поголем број во ресторанот Далга. Семејството кое после Втората светска војна се поделило во Македонија и Бугарија, подолг период не било обединето. Дури во осумдесетите години од минатиот век започнале повторно да се воспоставуваат контакти помеѓу членовите од Охрид и од Бугарија.

„Присуствуваме во моментот на една фамилијарна веселба на фамилија Мострови, охридска фамилија, од Месокастро како маало, од која што голем дел, браќа и сестри, се растуриле по Балканот, најмногу во Бугарија. Од оние стари слики што ги имаме како фамилија, последна вака поголема средба била во 1943 година, токму во екот на Втората светска војна, после тоа веќе се затвора и Бугарија и Македонија во Југославија, нема некое движење, речиси и никакво движење, се до крајот на осумдесетите години од кога почнавме повторно да ги одржуваме нашите врски, најчесто ние во Бугарија. Во ’93та година за прв пат на свадба на Илија Мостров присуствуваше еден дел од фамилијата од Софија. И така со распадот на Југославија и на Советскиот сојуз започнавме се почесто да комуницираме и на крај ете излезе една ваква иницијатива да се собере фамилијата на една средба со надеж дека ова ќе прерасне во една традиција барем еднаш во годината да се собираме или тука во Охрид или на различните места во Бугарија.“- истакна Александар Јованоски, член на фамилијата од Охрид.

„Многу се радуваме што сме во Охрид, ние бугарските Mакедонци дојдовме на гости кај нашите роднини, Мострови, Арнаудови и сите оние кои се останати во Охрид. За време на Илинденското востание нашите дедовци биле протерани од Охрид и создале фамилии во Бугарија, во Софија и во Благоевград, фамилиите Мострови и Арнаудови.“– изјави најстариот член од фамилијата, Димитри, кој живее во Бугарија.

На собирот кој има потенцијал да прерасне во традиција, иако нецелосен, присуствуваа околу 50 членови на фамилијата  од Охрид и од Бугарија. За спомен на сите членови на фамилијата добија специјално брендирани пијалоци.

А.М.