Најновиот филм „Врба“ од познатиот македонски режисер Милчо Манчевски веќе неколку дена се прикажува во Центарот за култура Охрид. Последното филмско остварување на Манчевски охридската публика ќе може да го погледне само уште вечерва и утре вечер.

Филмот се прикажува со почеток во 20 часот. Влез 150 денари.

По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија. „Врба“ е филм во кој се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa, едната од македонското средновековие, a другите современи.

Главните улоги ги толкуваат младите актери: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.

Филмот е сниман на разни локации низ Македонија меѓу кои се живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, Преспанскиот регион и различни локации низ Скопје. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

OhridNews