Несомнено е дека Охрид постанува плодна почва од каде потекнуваат многу таленти, кои со своите способности и афинитети претставуаат вистински културни амбасадори на градот и земјата. Доказ за тоа е и 21-годишната флејтистка, Даниела Петкоска, студент во втора година на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

За нејзините музички квалитети сведочат бројните први специјални награди во земјава и странство, настап со Македонската филхармонија, учество на семинарите на Клаудио Ферарини и Рафаеле Тревисани во Италија, соло рецитали, концерти и културни настани, како и премиерната изведба во Македонија на „Хју фантазијата“ за флејта со Симфонискиот оркестар на ФМУ под диригентската палка на Маестро Саша Николовски-Ѓумар.

Најголем поттик за започнување на моето музичко образование уште на осум годишна возраст во ОМУ „Методи Патче“ беше мојата мајка Оливера Петкоска, која како професионалец ме импресионира и мотивира да ја изберам флејтата како инструмент и пасија. Образованието го продолжив во средното Државно музичко училиште во Битола кај професор Александар Стефановски, а во моментов сум студент во втора година на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Страшо Темков.“ – вели охриѓанката Даниела Петкоска.

Настапи во земјава и странство

Како што објаснува Петкоска, меѓу бројните културни настани во земјава и странство, најзначаен и е настапот како солист со Македонската филхармонија во 2011 година.

Тој настап навистина ме направи горда. Бев примена како солиста и свирев мошне тежок концерт за флејта за мојата возраст. Вистински предизвик, но навистина успешен благодарение на мојот професор Александар Стефановски. По продолжувањето на моето образование на ФМУ во класата на професор Страшо Темков, настапите се редеа. Минатата година бев дел XV „Сусрети флаутиста „Тахир Куленович” во Ваљево, каде и го освоив првото место во категоријата флејта. Победата и професорот Темков, ми овозможија семинар кај истакнатиот флејтист Дејан Гавриќ од Србија. По враќањето во земјава бев примена на аудиција во рамките на факултетот, за свирење со Симфонискиот оркестар на ФМУ под диригентската палка на Маестро Саша Николовски-Ѓумар. За прв пат во Македонија беше изведена „Хју фантазијата“ за флејта и со оркестрација.“ – објаснува Петкоска.

Бројни први специјални награди

Покрај првата награда во категоријата за флејта на XV „Сусрети флаутиста „Тахир Куленович” во Ваљево, Србија, нашата сограѓанка има освоено први специјални награди како солист и први специјални награди по камерна музика. Во 2012 година ја добива првата специјална награда во категоријата за флејта и третата на Competition of the United Music and Dance Teachers of Macedonia.

Тоа се награди во рамките на државните натпревари во Република Македонија. Имам освоено специјални и први места во делот на флејта, камерна музика, солфеш, соло-рецитали, но можам да кажам дека неоддамна на државниот натпревар го освоив првото место со 95 поени.“ – вели Петкоска.

Изостанува поддршката од институциите

Покрај пријателите, професорите и потесниот круг на семејството, најголемата поддршка за нашата сограѓанка доаѓа од нејзината мајка. Како што вели Петкоска, единствено во земјава изостанува поттикот од институциите.

Моја најголема поддршка е мајка ми, која кога и да сум била демотивирана, таа секогаш била тука. Како професионалец и професор кој ја познава професијата, секогаш се труди да сфатам дека се е во ред, дека можам да продолжам и да го совладам секој предизвик. Беспрекорно ме охрабрува и ми дава надеж, која тлее до денес. Мора да ја споменам и охриѓанката Катерина Бачевска, која ја ценам како најдобар флетијст во Македонија, овозможувајќи ми да учествувам на семинар во Италија кај еден од најдобрите флејтисти во Европа, Рафаеле Тревисани. Поттик добивам и од професорот Страшо Темков, односно од проф. Александар Стефановски. За жал, изостанува поддршката од институциите. Се што правам е со самофинасирање и со голема желба да ја претставам земјата достојно и во најдобро светло.“ – истканува нашиот соговорник.

Соло пеење, пиано, флејта и џез

Освен флејтата, афинитетите на младиот охридски музички талент се насочени и кон соло пеењето, но и кон пианото.

Искрено имам интерес кон соло пеење кое ми е голем предизвик. Друг инструмент кој го имам изучувано во средното образование и кој воедно ми беше и задолжителен предмет е пианото. Навистина уживав додека го изучував овој инструмент и радо би продолжила кога би имала повеќе слободно време. Кога сме кај флејтата, немам пробано да свирам нешто вон рамките на класичната музика, иако морам да споменам дека многу ме привлекува џезот и блузот. Слушам многу интерпретации на овој инструмент во рамките на овие музички правци и се надевам дека еден ден ќе го постигнам и тоа.“ – потенцира Петкоска.

Слободно време за спортски активности и пријателите

Покрај бројните обврски во рамките на Факултетот за музичка уметност, нашиот соговрник вели дека наоѓа слободно време за активности вон професијата.

Слободното време гледам да го искористам со спортска активност и рекреација. Нормално излегувам и посветувам време на моите пријатели, но сето тоа е краток временски период, бидејќи најчесто сум зафатена поради настапите, подготовките за проекти, натпреварите и активностите во рамките на факултетот.“ – вели Петкоска.

Соло турнеи по светот?

Петкоска во годините кои претстојат се гледа себе како добар флејтист, кој ќе може самостојно да настапува ширум светот. Како што таа вели, летниот период претставува вистински предизвик за учество на семинари во Италија од светски познати флејтисти.

Во рамките на факултетот, учествував во снимање на видео-запис направен врз основа на барокна музика, чија промоција е закажана за 13-ти овој месец. На подолгорочен план, имам покана од ректорот на еден Универзитет во САД, кој доаѓа од Еквадор, за да бидам дел од проект за барокна музика во неговата земја. Во суштина се работи за голема турнеа и концерти, но се уште е рано за тоа да се зборува, бидејќи проектот е закажан за крајот на оваа 2014 година.“ – вели Петкоска.

Порака до охриѓани!

Моја искрена порака до сите охриѓани е дека треба навистина да се стремат кон голема цел и успех без откажувања. Да не постои ниту трошка сомнеж, туку да целат до крај. Охрид како град да докаже како и многупати досега, дека вирее од таленти кои навистина го промовираат овој духовен центар во светот.“ – завршува Петкоска.

О. Трајчески