На 10 -ти октомври се одбележува Светскиот ден на менталното здравје, па така и целиот месец октомври е во знакот на ова одбележување. Оваа иницијативата е покрената од Светската федерација за ментално здравје во 1992-ра година, а со цел да се сврти вниманието на јавноста и да се покрене свеста за превенција и навремен третман на менталните растројства, велат од Охридската гимназија.
Менталното здравје е многу повеќе од недостаток на болест; тоа е и добросостојба којашто вклучува капацитет за формирање и одржување на релации, учење, работа, одмор и разонода, како и можност и право на лични одлуки и избори. И нашата гимназија се приклучува кон оваа иницијатива преку настан кој ќе се одржи во среда 26-ти октомври во просториите на Гимназијата, со почеток во 12 часот.
Во рамки на програмата предвидено е воведно обраќање на Алберта Гулицовска, м-р психолог во ОСУ „Св. Климент Охридски“, проекција на уметнички творби на тема „Ментално здравје“ изработени од учениците од втора година, под менторство на проф. Виданка Мојсоска, дискусија на тема „Дилеми околу употребата на медикаментозна терапија“ со д-р Елена Сотироска, психијатар од приватна специјалистичка ординација, авторски филм на тема „Депресија“, подготвен од Наталија Танеска ученичка во II-3 клас и Марија Зороска ученичка во II-2 клас, како и дискусија на тема „Анксиозност“ со м-р Ранко Раткушиноски, психолог во „Црвен Крст“ Охрид.
Ве покануваме да присуствувате на овој настан и заедно да откриеме како подобро да се грижиме за себеси, како да си го олесниме управувањето на нашите мисли и чувства, како да се справуваме со анксиозноста и паничните напади и како да не се доведеме до burn out. Исто така ќе се обидеме да ги разрешиме дилемите околу користењето на лекарства во надминувањето на психолошките проблеми, додаваат во соопштението од Гимназијата.
OhridNews













