Интегрални житарки, повеќе овошје и зеленчук, кафеав шеќер, мед, риба, јајца, поголема количина на месо и производи од млеко ќе бидат внесени во дневното мени за исхрана на децата во Детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид. Оваа новина е дел од обврската која произлезе од новиот Правилник за исхрана на децата во градинките, што стапи во сила пред неколку дена.

Според правилникот кој со помош на нутриционисти го изготви Министерството за труд и социјална политика, оброците во градинките веќе не треба да содржат маргарин, бело брашно, разни кремови, чоколадни слатки, наполитанки, крем-банани или други нездрави производи.

Одговорните во охридската градинка велат дека и пред да стапи во сила новиот правилник за исхрана, во менито за децата имале воведено здрави намирници.

-Еден дел од храната како што се житарки и овошје ние веќе го имавме предвидено во претходниот тендер за набавка на намирници. Веќе започнавме со постепено внесување на здравите намирници на менито, со цел дечињата  да се навикнат да јадат ваква храна. На почетокот кога започнавме да им даваме оброк со житарки, дел од децата ја одбиваа таа храна, но со текот на времето ја прифатија и веќе се обидуваме да ја внесуваме во поголеми количини. Исто така употребата на маргарин веќе ја имаме заменето со употреба на путер, вели Роза Костеска, директор на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.

Таа објаснува дека следен чекор во измена на менито, е замена на белиот шеќер со кафеав шеќер или со мед.

-Бидејќи во последно време дел од дечињата се алергични на голем број намирници од исхраната, помеѓу кои и медот, па затоа ќе треба да истражиме во колкави колични ќе може да го внесеме истиот во оброците, нагласува Костеска.

Таа најави дека во наредниот тендер кој градинката ќе го распише ќе бидат предвидени и сите други здрави прехрабени намирници кои ги пропишува новиот Правилник за исхрана.

За набавка на здрава исхрана сепак се потребни поголеми средства. Сега се прават преметки за да видиме колку ќе чини новото и здраво мени за едно дете на дневна основа и на месечна основа. Исто така ќе треба да ги усогласиме и количните на намирниците кои ќе бидат потребни, а сето тоа зависи од  средствата со кои ќе располага градинката, вели Костеска.

Таа потенцираше дека сеуште не е прецизирано, но новиот начин на исхрана во градинките, во иднина на национално ниво може да резултира и со зголемување на месечната сума која ја плаќаат родителите.

Медицинските лица сметаат дека новиот Правилник за исхрана во градинките е добар бидејќи вклучува внесување на здрави белковини, масти и јаглехидрати.

-Една од поголемите промени што се предвидуваат со новиот правилник е замена на белите печива со интегрални житни растенија како и исклучување на рафинираните шеќери, што е посебно добро за развојот на децата. Исто така планирано е на дневното мени да има поголема количина на месо, риба, јајца, млеко, јогурт, сирење, кашкавал, изварка и зеленчук. Особено добро е тоа што за ужинките се предвидува свежо овошје, велат дел од охридските педијатри со кои поразговаравме на оваа тема.

Според нив доколку во целост се почитува, новиот начин на исхрана ќе може значително да ги подобри прехрамбените навики на децата и да им овозможи посилен имунитет и подобро здравје.

Е.М