Производите од компанија АСП ПАК во се поголем број од охридско тло заминуваат во прекуокеанските земји. Препознаениот квалитет и задоволените стандарди ја зголемија побарувачката за извоз на нејзините производи на пазарите во САД и Канада. Место за пропуст нема, се брендираат и како такви се испорачуваат за пакување на земјоделски производи на северноамериканскиот пазар, значително поголем од досегашните каде компанијата го пласира своето високо квалитетното производство.
Извозно ориентирана охридска компанија каде 99% од производството е наменето за странски пазари, АСП ПАК, пред 20 години започна од пазарот на Балканот, за да во последните 15 години се етаблира како еден од главните добавувачи во својата индустрија на пазарот кој се протега од Португалија до Полска и од скандинавските држави па се до Израел. А веќе денес да извезува на пазарите и во САД и Канада.
Интересен факт е дека пазарот во Израел е 70% снабден со вреќи за пакување земјоделски производи од АСП ПАК. Околу 50% од трговската размена помеѓу Македонија и Израел го прави токму оваа охридска фирма.
До сега бевме континентално базирани, сега продолжуваме прекуокеански во САД и Канада. Со тоа отвораме нова ера за нашата компанија. Американскиот пазар е со голем потенцијал за овој вид на пакување. Пазарот во САД и Канада почнавме да го работиме минатата година и го гледаме како голема шанса за нашата компанија, бидејќи бројот на жители во тие региони е поголем од бројот на жители на пазарите на кои сме до сега застапени и го гледаме како можност двојно да го зголемиме нашето производство. Ова е петта испорака, почнавме со една до две палети, па стигнавме до денешните испораки во еден ден од два контејнера или вкупно 1 милион парчиња вреќи во кои би се спакувале вкупно 24 милиони килограми компир и кромид. Очекувањата се дека за брзо би можеле да постигнеме десет пати поголем годишен обем споредено со денешниот извоз. Ако се успее на овој пазар да станеме сериозен добавувач, сметаме дека производството на вреќи за пакување на земјоделски производи ќе можеме да го зголемиме двојно повеќе во наредниот период, што би значело нови работни места, нови инвестиции и нови можности, вели Кирил Спасески од менаџерскиот тим на АСП ПАК.

Во моментов работиме со мултинационална компанија на тие пазари како дистрибутер на нашите производи, која има 100 годишно искуство во индустријата. Добро е позиционирана и сметаме дека можеме да ги задоволиме потребите и барањата, да се натпреваруваме на тој пазар. Ние, исто така, мора да гарантираме квалитет, бидејќи нашите производи кои се извезуваат на пазарот во Америка и Канада се користат на автоматски линии за пакување на компир или кромид каде не е присутна човечка рака. На една ролна има 2000 парчиња и не смее да има ниту една грешка, бидејќи линијата ќе застане. И во тоа успеваме, вели Спасески.

Директно, посочува Спасески, не се засегнати од Руско-украинската криза, бидејќи не се присутни на тие пазари. Моменталната состојба со воената криза носи големи предизвици, голема нестабилност и неизвесност во однос на набавките, бидејќи во производството се користат полиетилени, а примарна суровина за нив е нафтата, така што цената зависи од берзата на нафта. Трошоците се зголемуваат и многу е тешко да се предвидат во овој период, но наша обврска е да се прилагодуваме на новонастанатата ситуација, вели Спасески, потенцирајќи дека до сега немаат никаков проблем.
Не гледаме некоја пречка во блиска иднина, дека не би функционирале успешно во наредниот период. Остварени се и надминати планираните извози. Не само што до сега не сме изгубиле никаков пазар, туку успеавме и да се прошириме и да го зголемиме извозот. Се надеваме дека трендот ќе продолжи и во иднина и работиме на тоа. Производите кои ние ги произведуваме не се луксуз, тие се исклучиво потреба, заклучува Спасески.
Н.С.Ј.



















