По оставката на членовите на Државната пописна комисија, запреа пописните активности на терен и во охридскиот регион. Попишувачите согласно препораките на државните институции вчера утрото биле информирани да го прекинат пописот и да ги вратат пописните материјали во Регионалната пописна комисија која работеше до доцна вечерва.

Според првичните неофицијални информации во охридскиот регион до прекинот на статистичката операција биле попишани 20 проценти од вкупниот број на население.

Материјалите од нецелосниот попис, според законот ќе бидат преземени од Државниот завод за статистика, но дали тие понатаму ќе бидат искористени и за кои цели сеуште не се знае. Ова дотолку повеќе што релевантноста на добиените податоци поради сериозни пропусти и различно толкување на методологијата на пописот беше оспорена од Државната пописна комисија, што беше и главна причина за поднесената колективна оставка и стопирање на пописот четири дена пред неговото завршување.

– Во најголема мера ова се однесува на нееднаквата примена на методологијата утврдена од страна на Државниот завод за статистика,а усогласена со Еуростат во делот кој го разработува членот 6, став 3, членот 40 и членот 42 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година- се вели во соопштението од Државната пописна комисија.

Пописот предизвика лавина реакции на политичките партии. Опозицијата бара одговорност од власта за неуспехот на пописниот процес за кој од буџетот се издвоени 14 милиони евра. Власта пак ја оправдува постапката на Државната пописна комисија, која според неа е одговорен чин со цел да се спречи нереален попис. Ставот околу пописот и што понатаму, владата се очекува да го изгради на вонредната седница закажана за денеска. Пописот според првичните најави ќе биде пролонгиран на извесен период, а одлуката и евентуалните измени во Законот за попис кои ќе уследат ќе треба да бидат верификувани од Собранието.

OhridNews