Општинската организација на СДСМ денес преку медиумите упати писмено соопштение во кое ги искажа новите обвинувања кон Локалната власт, раководена од ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО ДПМНЕ во Охрид никако да стане сериозна политичка партија, уште помалку може да биде народна партија, а најмалку може да воведе ред во работите што се во надлежност на општината, во хаосот што сама го направи. По катастрофалното проектирање на ребалансот на општинскиот буџет во јуни, кога препотентно се импровизираше во носењето на т.н. „нови програми“, а притоа не слушајќи ниту еден добронамерен совет од опозициските советници, во ноември се направи уште еден невиден гаф, кога со новиот ребаланс се скрати буџетот, што самите го проектираа, за неверојатни 33%. Тоа не и се случува на сериозна политичка партија, пишува во писмената реакција на СДСМ.

Опозицијата уште еднаш  рагира и на несоодветниот однос на новата локална власт врз вработените во општинската администрација и јавните претпријатија.

-Во времето на претходната локална власт ниту еден човек не остана без работа, за да биде вработен некој друг. Претходната локална власт успеа да креира повеќе од 1200 нови работни места и да згрижи толку граѓани на Охрид и покрај големите опструкции и секојдневните пречки од централната власт. Претходната локална власт критериумите за вработување во јавните претпријатија и во општината никогаш не ги базираше врз дискриминирачки принципи од политички карактер. Оваа локална власт на ДПМНЕ во тој поглед делува крајно субјективно и непрофесионално, затоа што им се прекинуваат договорите за работа на едни луѓе, за да се вработаат други. Притоа, се води сметка исклучиво да бидат згрижени заслужните партиски војници, пишуваат од СДСМ.

Маѓудругото од оваа партија прашуваат и дали е изготвен план за местоположба на контејнерите за отпад низ градот и дали граѓаните се претходно известени за отстранувањето на контејнерите и за нивните нови локации.

-Станарите се повикуваат да предложат каде да бидат поставени контејнерите, но очигледно не се знае фактот дека нивното поставување е исклучиво обврска на локалната самоуправа. Нејасни се причините за ваквиот однос кон граѓаните, затоа што тие веќе наголемо се расправаат меѓу себе, оставени сами да ги решаваат своите комунални проблеми. Охрид осум години важеше за препознатливо чист град, а новата власт на ДПМНЕ за осум месеци успеа да ја уништи таквата слика за градот, реагираат од СДСМ.

Од таму додаваат дека граѓаните на Охрид треба да  дознаат и кој го украсил градот и колку чини тоа украсување оваа година и да ги дознаат фактите за лизгалиштето на плоштадот, со оглед на тоа што советничкото мнозинство вчера го одби предлогот на опозицијата да се разговара за оваа инвестиција.

OhridNews