Високата цена, добриот пласман, ниските трошоци за производство и релативно малата инвестиција за подигање на нов насад се главните причина за зголемување на интересот за одгледување на цреши во Охридскиот регион. Овоштарите велат дека од година во година интезивно расте бројот на хектари кои се насадуваат со ова овошје, кое е своевиден охридски бренд.
Ванчо Стојаноски од селото Орман, кој има насадено 600 стебла цреши вели дека кон крајот на овој месец планира да подигне уште еден насад со млади садници.
-Веќе сега ја подготвувам површината за садење, таа се разорува односно машински се отвораат дупките за садниците, а кон крајот на месецов се очекува да пристигне и расадниот материјал по што ќе го подигнам новиот насад. Бидејќи контактирам со сите овоштари кои одгледуваат цреши во регионов, можам да кажам дека најголемиот дел од нив планираат да ги зголемат насадите и да подигнат нови, вели Стојаноски.
Се засадуваат и нови видови
Производството на цреши во Охридскиот регион е засновано на одгледување на автохтони сорти од кои водечко место зазема сортата „долга шишка“. Останатите автохтони сорти кои го чинат производството на цреша се „охридска брза“, „црвена крцка“, „охридска црна“ и „далбазлија“, а во последните години, започнале интензивно да се садат и нови видови на цреши.
-Црешата „долга шишка“ започнува да се заменува со нови калемени сорти со понизок раст. Овие цреши се полесни за обработка, за одржување и за берба и даваат поголема количина и поквалитетен плод. Исто така засадуваме цреши кои не цутат во исто време и плодот го даваат во подолг интервал, со што имаме подолг распон на берба и сме актуелни на пазарот повеќе од еден месец, за разлика од бербата на „долгата шишка“ која трае само една недела. Исто така џуџестите цреши веќе втората година започнуваат да даваат по малку род, а во петата година се во полн род, додека високостеблестата цреша му требаат до 12 години да дојде до полн род, потенцира Стојаноски.
Тој објаснува дека освен подигнувањето на новите насади, во текот на овој месец овоштарите преземаат и многу важни третмани за заштита на веќе постоечките насади со цреши.
Заработка до 30.000 евра по хектар
Изминатото лето најголемиот дел од произведените цреши од охридско заминале на пазарите во Русија и Шпанија, а откупната цена се движела од 80 до 100 денари по килограм.
-Заработката е одлична, на пример од еден хектар засадени цреши кои се со полн род, се добива во просек 20 тони плодови. Продадени по просечна цена од 100 денари од нив може да се заработи околу 30.000 евра годишно, што е многу голема сума, велат овоштарите.
Според нив иако постојано се подигаат нови насади, потенцијалот на овој регион за одгледување на цреши сеуште не е искористен, а како поволни за одгледување на цреши се обработливите површини во селата Лескоец, Велгошти, Орман, Лакочерај, Волино, Мешеишта и Требеништа.
Од Подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Охрид велат дека покрај високата откупна цена на црешите, една од причините за големиот интерес за одгледување на оваа овошка е и финанасиската поддршката која ја дава државата за подигање на нови овошни насади.
-Се работи за Програмата за рурален развој според која се предвидени 50 проценти кофинансирање за сите материјални трошоци за подигање на нови насади. Доколку новите насади ги подига млад фармер од 18 до 40 годишна возраст, кофинансирањето на трошоците изнесува 60%, а доколку насадите ги подига жена земјоделец се покриваат 65% од трошоците, вели Билјана Ѓорчевска, раководител на подрачната едница на АПРЗ во Охрид.
Преку задруги до поволности
Доколку производителите на цреши се здружени во задруги имаат уште поголеми поволности за користење на мерките од програмите за поддршка.
-Можат да користат средства од ИПАРД програмата, Програмата за рурален развој и Програмата за финансиска поддршка во земјодеството. Доколку се здружени во задруга тогаш за сите трошоци за репро материјали, механизација, садници, кои ќе ги набават преку задругата, овоштарите ќе платат само 10%, а 90 % од овие трошоци ги покрива државата. Oсвен поволностите за субвенции, здружувањето во задруга за овоштарите значи и поорганизиран пласман на производот на пазарот и посигурен откуп, вели Ѓорчевска.
Во охридскиот регион во моментов функционира само една земјоделска задруга на производители на цреши „Охридска черешна“ која е формирана пред околу три години. Оваа задруга во 2012 година изготвила Елаборат за ознака на потекло за охридската цреша, во која се наведуваат сите карактеристики и специфики на ова овошје како и сите детали за неговото производство во Охридскиот регион. Со овој елаборат официјално започна постапката за прогласување на охридската цреша за заштитен македонски бренд.
Е.М