Несомнено дека Охрид претставува расадник на уметници чии дела ги пленат срцата на луѓето ширум светот. Градот, но и самите охриѓани, можат да бидат горди што плејада занаетчии со своите ракотворби, продолжуваат да и „пркосат“ на модерната епоха на живеење.

Изминатиов период, охридската уметница Сања Фармаковски која долги години се занимава со копаничарство, како единствен претставник од земјава на 15-тиот интернационален културно уметнички фестивал „Бујукчекмече“ во Турција, пред светската јавност откри дел од старата традиција на охридската школа за дрворез.

Фестивалот се одржа од 1-ви до 10-ти август во една мала општина во Истанбул, на која учествуваа уметници и фолклорни групи од целиот свет. Благодарение на Билге Какел, бев единствен резбар од Македонија, а услов беше да се работи на лице место. Работев со длето и парче дрво, на кое го „отсликав“ Цезар.“ – вели Сања Фармаковски.

Како што таа објаснува, заинтересираноста за уметничките ракотворби, но и воопшто за традиционалната охридска резба,  била огромна.

Настанот беше феноменален, бидејќи сите учесници се претставуваа со различни ракотворби. Заинтересираните имаа можност да видат и да научат нешто повеќе за начинот на изработка на овие дела, почнувајќи од алатот, дрвото, инспирацијата, фарбата, но и воопшто за целокупниот процес. Исто така, имаше и работилница за деца, а неколку занаетчии ги едуцираа младите како се работи.“- објаснува Фармаковски.

Покрај презентацијата на ракотворби, традициолнo манифестацијата била надополнета со настап на голем број фолклорни групи и ансамбли од целиот свет.

Се беше на едно врвно ниво. Организаторите беа ангажирани за учесниците уште од самото слетување на аеродромот во Истанбул. Бевме сместени во хотел со четири ѕвезди и спа центар, имавме бесплатен транспорт до настанот, но и крстарење по Босфор. Манифестацијата беше отворена со пол-часовен огномет, како оној на филмовите. Се на се, огромен број луѓе, многу ангажираност, подароци, пофалници за учесниците и една добра замисла на организаторот и градоначалникот на таа општина.“ – потенцира охридската уметница.

Во Турција, Фармаковски со себе понела рекламен материјал за Охрид, кој, како што вели, бил „разграбан“ за речиси половина час.

Луѓето се воодушевени од Охрид. Со себе понесов рекламен материјал за промоција на градот, а истиот се „разграба“ за безмалку половина час. Многумина имаа слушнато за бисерот на Балканот, некои веќе биле тука, а други имаат во план да не посетат.“ – вели Фармаковски.

Според неа, фестивал од ваков ранг му е потребен не само на Охрид, туку и на секој град во земјава и регионот.

Таков фестивал фали во секој град, но претпоставувам дека проблем се финансиите. Потребно е сместување на една „маса“ народ, транспорт, организација, а сето тоа чини многу пари.“ – завршува Фармаковски.

О.Т.