Деновиве од Италија се вратија членовите на кадровската алпинистичка акција на Македонската алпинистичка федерација кои имаа за цел искачувања во Доломитите. Во акцијата учествуваа четворица алпинисти: Димитри Димитров и Ангел Куртелов од Охрид, Виктор Хаџивасилев и Алекандар Зарапчиев од Скопје.


За време на осумдневниот престој во регионот на Кортина Дампецо во Северна Италија, членовите на кадровската акција извршија искачувања на десетина насоки во шест различни алпинистички локалитети. Меѓу другите, искачена е една од Доломитските класики – насоката Vinatzer на Third Sella Tower со тежина  V+ и должина од 300м, од  страна на Александар Зарапчиев и Виктор Хаџивасилев.

Според квалитетот и динамиката на искачувањата акцијата е повеќе од успешна, а доколку се земе во предвид дека станува збор за млади алпинисти кои за прв пат качуваат во светски познати алпинистички локалитети, јасно е дека станува збор за многу вреден алпинистички потенцијал од кого  во иднина може да се очекуваат врвни резултати.


Акцијата во Доломитите првично беше замислена како алпинистичко патување на кое што младите алпинисти ќе стекнуваат искуства во алпинистичките центри.Како за време на подготовките во домашните локалитети, така и за време на престојот во Доломитите, алпинистите работеа според програма што беше изработена од страна на Игор и Весна Талевски. Квалитетот на програмата и квалитетот на алпинистите заедно со нивниот ентузијазам дадоа одличен резултат.

Покрај повеќекратната придобивка од оваа кадровска акција за целата македонска алпинистичка заедница, таа има големо значење за самите учесници бидејки преставува сатисфакција за напорните тренинзи и високиот степен на мотивираност што е присутен кај овие луѓе.


После сите резултати што се постигнати од страна на македонските алпинисти летово, треба да се постави нова стратегија за работа во наредниот период и да се дефинираат следните цели и задачи. Ако го земеме во предвид искуството, квалитетот и ентузијазмот што го имаме во македонскиот алпинистички колектив, не треба да се плашиме од врвни предизивици.

Ohridnews