По пауза од две години на културната понуда во Охрид повторно се враќа првиот професионален Охридски детски хор „Бамбино“ во склоп на проектот „Културата расте со децата“ поддржан од Општина Охрид.

Талентирани деца на возраст од 6 до 14 години во просториите на Младинскиот центар во Охрид секоја среда, почнувајќи од 2 јули во периодот од 19.00 до 21.00 часот ќе имаат можност да бидат дел од Охридскиот детски хор „Бамбино“, под уметничко раководство на м-р Снежана Караџовска Попова, професор по солфеж и историја на музика.

Снежана Караџовска – Попова е родена во Охрид и таму го завршува основното музичко образование. Потоа продолжува во Скопје во средното музичко училиште МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и дипломира на Факултетот за музички уметности на отсекот за музичка теорија и педагогија. Во 2010 година се здобива со титула Магистер по методика на музичка настава со посебен интерес кон „Пројавување на детскиот пејачки глас“.

Од 2011 година е редовно вработена како наставник по стручни предмети во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски -Тетоец“ во Струга. Во 2015 година го основа Здружението Тактус со цел да се доближи уметноста поблиску до народот. Љубовта кон хорското пеење ја носи уште од најмала возраст каде самата членува во неколку хорови, а во 2022 го основа првиот детски хор во Охрид „Бамбино“ со кој реализираат повеќе настапи во градот.

Преку Здружението реализирани се проектите Центар за ран музички развој „Музичко катче“ за деца од предучилишна возраст, „Еволуција на музиката“ и „Арт Лаб“, организација на концерти со интернационални оркестри, семинари и работилници.

OhridNews