По покана на општина Бургас, Почесниот конзул на Руската Федерација во Бургас, Словенското друштво – Бургас, Друштвото за пријателство со Русија и народите на ОНД, читалиштето „Љубен Каравелов“, Артсалон „КаРо“, Регионалната библиотека „П.К.Јаворов“  и РЕКИЦ Читалишта, за петтото издание на културната манифестација „СВЕТО СЛОВО“ деновиве во Бургас, Република Бугарија, престојуваат охридските културни дејци Тоде Илиевски и Мишо Јузмески.


Годинешнава манифестација им беше посветена на двајцата охридски писатели и на 11 мај во Културниот центар „Морско казино“ им беше направен литературен портрет. Нив ги претставија поетесите Роза Бојанова и Калина Телјанова, при што публиката имаше можност да се запознае со дел од нивното творештво. Манифестацијата беше добра можност за продлабочување на културните врски помеѓу двете земји.


Истиот ден во изложбениот салон на Регионалната библиотека „П. К. Јаворов“ беше отворена изложба на фотографии под наслов „Охрид и езерото“ од Мишо Јузмески. Изложбата ја отворија директорот Наталија Коцева и Марија Бенчева, раководител на одделението за уметност во Библиотеката. Изложбата ќе биде отворена до 27 мај 2011 година. Преку изложените фотографии бургаската публика има можност да се запознае со убавините на Охридското Езеро и  Охрид, видени преку објективот на авторот.


Преку ова гостување на охридските уметници се продолжува соработката меѓу двата града која прераснува во традиција.

ОhrridNews