Сашо Точко, како директор на трките на малиот и големиот охридски маратон, е сведок на „тонењето“ на пливањето во Охрид. Поголем пораз за Охрид не може да има од она кога на малиот маратон, во јули годинава, беа пријавени 67 пливачи и немаше ниту еден од Охрид и ниту еден од Струга, што навистина е жално за овој крај.


Ситуацијата со пливањето во Охрид е жална. Човек од страна кога ќе погледне не може да поверува што е ова што ни се случува. Имаме сé што може природата да ни подари, но катастрофалната инфраструктура, немањето базен каде што би се одвивале сите активности е погубно за пливањето. Мислам дека пред сé немаме луѓе-ентузијасти кои би ја покренале работата. Но поддршка на ентузијастите мора да биде и од некоја институција, дали локална или државна, која што финансиски ќе ги подржи и ќе одделува средства – вели тој.


Двајца од четворицата маратонци кои го препливаа каналот Ла Манш се охриѓани, еден од најдобрите македонски пливачи Александар Маленко е од Охрид, а долги години во градот под Самуиловата тврдина функционираше и ватерполото, но сега нема ни трага ни глас од тие денови.

Пред 20 години имавме одличен пливачки клуб, имавме ватерполо-екипа, а ние го растуривме сето тоа. Ние како клуб Охридски бранови се подготвуваме да доделиме благодарници, пофалници и награди за сите оние што успеаја да го уназадат пливањето во Охрид, сите оние што се „заслужни“ за уништувањето и уназадувањето на голем број охриѓани, кои денес не можат да ги однесат своите деца на пливање – завршува Точко.

М.П.