Мартин Мурговски, ученик во ОУ„Григор Прличев” во Охрид ја освои првата награда на Регионалниот натпревар по Англиски јазик што се одржа деновиве во Средното училиште „Јахја Кемал” во Струга. Втората награда ја доби Јасмина Шашко од  ОУ„Јосип Броз Тито” од Струга, а третата награда му припадна на Теодора Димовска од  ОУ„Кузман Јосифоски – Питу” од Кичево.

На овој  натпревар кој се одржа традиционално, по седми пат, учествуваа над 200 осмооделенци од Струга, Вевчани, Охрид, Дебрца, Другово, Дебар, Центар Жупа, Ресен, Кичево, Зајас, Пласница, Осломеј и  Демир Хисар.

-Она што го прави овој натпревар привлечен за осмоодделенците , секако покрај желбата да го проверат своето знаење, се и привлечните награди. Првите 10 ученици добиваат право да се запишат во нашето училиште без полагање на  приемен испит, како и стипендија за школување. Учеството на овој натпревар секако е и поттик за работење и на предметните наставници по англиски јазик кои во голема мерка се заслужни за учеството и успехот на учесниците на овој натпревар, велат од училиштето „Јахја Кемал”од Струга.

Од таму надополнуваат дека голем број на ученици кои до сега учествувале на овој натпревар ги искористиле добиените  награди и станале дел од заедницата на ученици на ова училиште.

OhridNews