Богата програма со настани и содржини за претстојниот продолжен викнед во Охрид. На десети септември ќе се одржи Охридскиот пливачки маратон, а за првпат годинава ќе се одржи и манифестацијата „Охридски фестивал на виното“. Најавени и дополнителни спортски и културни содржини во насока на привлекување на што поголем број туристи од Македонија и странство.

Со ова, вели градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, на денешната прес конференција ќе се овозможи Охрид да биде посетен и во овој период од годината.

За време на продолжениот викенд имаме на 8, 9 и 10 септември „Винофест“ во Охрид кој за првпат се организирана и ќе продолжи да се организира традиционално секоја година. Можеби терминот ќе биде различен, но генерално ќе се организира. Уште една содржина е Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи во сабота и за кој локалната самоуправа вложи доста напор заедно со Пливачката федерација и клубовите од Охрид да успее на крај да имаме маратон. И во пракса се покажа тоа што претходно го кажав дека маратон е тешко да се организира во краток период, но добро што ќе е успешен, ќе изгледа светски. А веќе од октомври оваа година ќе започнеме со организацијата на наредниот пливачки маратон и никогаш повеќе нема да биде доведено во прашање неговото одржување. Уште една содржина која ќе го збогати маратонот или ако ја земеме сабота како ден кога ќе се одржува пливачкиот маратон, по пристигнувањето на пливачите околу 19 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе има ракометен натпревар помеѓу екипите на Охрид и Прилеп, по што следува и последната вечер на „Винофест“ во Охрид. И во недела како надолнување на тој продолжен викенд од четири дена исполнет со содржини и понуда за сите туристи и охриѓани е организацијата на Суперкупот во ракомет помеѓу екипите на Вардар и Пелистер за кои исто така сме горди како град што првпат го организираме. Многу содржини и настани во овие четири дена кои ќе привлечат многу гости и туристи и се надевам дека ќе биде пример пак како за наредното лето би се организирале. Можеби не во истиот период, малку порано, да имаме доста настани и содржини со коишто ќе привлечеме гости токму кога привршува туристичката сезона, рече Пецаков.

Ристе Јанкоски координатор на организациониот одбор на „Охридскиот пливачки маратон“ рече дека деталите за маратонот ќе бидат соопштени дополнително, потенцирајќи дека пријавени се 8 пливачи од пет земји, а предвидени се и дополнителни содржини во насока на враќање на стариот сјај на маратонот.

На 10 септември со почеток во 10 часот ќе се годинешното издание на охридскиот пливачки маратон на патеката Климе Савин во должина од 25 километри. На оваа манифестација пријавени се осум пливачи од пет различни земји. Во скоп на маратонот планирани се и дополнителни содржини кои ќе се одржат оваа година се со цел да го вратиме сјајот на маратонот. Во оваа насока во четврток на плоштадот кај Долна Порта ќе има презентација на сите пливачи, изложба на стари фотографии од минатото и проекција на документарниот филм „Охридски пливачки легенди“. Во петок филмот и изложбата ќе може да ги погледнат децата од основните и средни училишта во Центарот за култура „Григор Прличев“. Во сабота покрај пливачкиот маратон имаме предвидено и работилница заедно со децата од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и заедно со УНДП на тема: „Заедничките перспективи, младите за Охридското Езеро“. Предвидена е и културна програма со настап на ансамбл „Билјана“, додаде Јанкоски.

Пане Темов претставник на организаторот на манифестацијата „Охридски фестивал на виното“ истакна дека како организатори години нананзад на вински фестивали, со искуство, се надеваат на позитивни реакции од охриѓани и гостите и можноста за уживање во музичката програма, но и дегустацијата на вината.

Винската култура во Македонија не е новитет ние сме вклучени 18 години во организација на фестивали, го организираме и „Виноскоп“ во Скопје. Одамна сме размислувале за еден фестивал во Охрид, има потреба од тоа и винариите имаат потреба. Терминот годинава е тој, следната година би го промениле за да има поголем одзив бидејќи винариите се во берба и е проблем да се со тој ентузијазам како што би сакале. Во Охрид е потребен еден можеби и поголем фестивал од „Виноскоп“, бидејќи винариите од соседството сакаат да дојдат во Охрид. Ќе донесеме 10-тина винарии македонски и неколку увозници на вино. Ќе има вина и од Шпанија, ќе има голема понуда на вино, да може да се проба да се дегустира. Се надевам дека охриѓани и гостите ќе уживаат во нашата програма и нашата замисла и вината што ќе може да се пробаат на фестивалот, вели Темов.

Инаку, „Охридски фестивал на виното“ ќе се одржи од 8-ми до 10-ти септември на улица „Кеј Македонија“ спроти хотелот „Палас“. За добра забава ќе бидат задолжени охридските бендови „Камелеон“ и „Бекдор бенд“, а свој настап ќе има и Ѓоко Танески. На фестивалот ќе настапат и Дј Винофест, Фолтин, Александар Јосифовски, Ареа, Наум Петрески, Нина Јанева и Супрехикс.

Н.С.Ј.