Деновиве од печат излезе најновата книга на Свето Стаменов, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и публицист, „Охридски разговори“ – И книга (2003-2007). Оваа книга е дел од истоименото двотомно издание на интервјуа и разговори што тој ги реализира во периодот од 2003 до 2014 година со голем број претседатели на држави, министри за надворешни работи и за одбрана, домашни и странски политичари, универзитетски професори, експерти од разни области и религиски лидери – учесници на меѓународни собири и конференции одржани во Охрид.

„Охридски разговори“ – И книга (2003-2007) содржи 58 интервјуа снимени во периодот од август 2003 до крајот на 2007 година и тоа за време на Регионалниот самит „Дијалог меѓу цивилизациите”, чиј организатор и домаќин беше покојниот претседател Борис Трајковски, Конференцијата за имплементација на Јадранската повелба во 2003 година, и двата најголеми собири одржани досега во Охрид и во нашава земја – Вториот безбедносен форум на Евроатлантскиот партнерски совет и Првата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во 2007 година. Книгата, меѓу другите, ги содржи интервјуата со поранешните претседатели на Хрватска, Србија и Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина и Албанија Стипе Месиќ, Светозар Маровиќ, Жељу Желев и Георги Прванов, Драган Човиќ и Бамир Топи, поранешните премиери на Шведска и на Албанија Карл Билт и Фатос Нано, шефовите на дипломатиите на Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија и Романија Тонино Пицула, Горан Свилановиќ и Вук Јеремиќ, Ивајло Калфин, Љуљзим Баша и Мирчеа Џоана, последниот шеф на дипломатијата на некогашна СФРЈ Будимир Лончар, генералниот секретар на УНЕСКО Коичиро Мацура, албанскиот писател Исмаил Кадаре, сараевскиот надбискуп кардинал Винко Пуљиќ, Господин Лаврентије – епископ Шабачки на Српската православна црква, главниот рабин на еврејските заедници во Србија и во Македонија Исак Асиел, епископот од Захле на Антиохиската православна црква Јостинос Паулос Сафар, бискупот од Осло на Лутеранската црква и претседавач на Европскиот совет на религиозни лидери Гунар Сталсет и претседателот на Кинеската исламска организација Ченг Гуангјан.

Зоран Иванов, еден од бардовите на македонското новинарство, во својата рецензија на книгата „Охридски разговори” – И книга (2003 – 2007), на Свето Стаменов, меѓу другото, истакнува дека во неа „се поместени цел грст негови интервјуа со водечки авторитети, со луѓе со дигнитет, со личности кои со своите трудови веќе оставиле печат на ова време. Разговори содржајни со согледувања, анализи, дилеми, но и со пораки, предлози, решенија за денешнината и за утрешнината на земјава, регионот, Европа.

Општејќи во свое и во наше име со вонредни личности од светот на политиката, филозофијата, социологијата, хуманистиката, религијата, а на теми за човекот и за луѓето, за еднаквостите и за различностите, за државите и за општествата, за конфликтите и за љубовта, за толеранцијата и за нетрпеливоста, за непочитта и за почитта, а во манир на прекален мајстор на журналистичкиот занает и особено докажан и потврден во една од најсложените алатки на професијата како што е интервјуто, со авторитативен манир, преку своите прецизно лоцирани прашања, а без лични сугестии, без притисок за очекуван одговор, Свето Стаменов на соговорниците им остава простор тие да поентираат во дефинирање на есенцијата на проблематиката што во самиот разговор им ја поставува како тема.

„Охридски разговори” – И книга како дело со капитален жиг е тема и самото за себе како што и секое од интервјуата содржани во него се тема посебна секоја за себе. Затоа, на овој труд на Свето Стаменов треба да се гледа, па и самото тоа така и да се прифати, како на уште еден конкретен и вреден влог на авторот и, воопшто, и на македонското новинарство, во лоцирањето на вредносните норми кои ги дефинираат, унапредуваат и хуманизираат релациите меѓу луѓето, државите, општествата”.

Инаку, втората книга на „Охридски разговори“, која е во печат ги опфаќа интервјуата што Свето Стаменов ги реализира во Охрид во периодот од 2008 до 2014 година.

OhridNews