Помилувањето е уставна категорија, а не законска и од тие причини така и треба да се регулира, смета 28-годишниот адвокат од Охрид Ристо Китески, подносител на иницијативата до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за помилување, која меѓу другото се однесува и на лица осудени за кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Тој го соопшти својот став за иницијативата која Уставниот суд експресно ја прифати со 5 гласа „за“ и 4 „против“, посочувајќи дека во јавноста се создава погрешен впечаток дека тој одработува нечија агенда, со оглед на тоа дека првиот случај кој го покрена СЈО се однесува токму за дела поврзани со изборите.

„Иницијативата е поднесена во овој период токму од причини што темата е актуелна. Од тие причини сметам дека доколку судовите во РМ донесат одлуки за предметите по кои постапуваат, а за кои подоцна би се утврдило дека со носењето.такви одлуки се направила повреда на правата и слободите загарантирани со Уставот, истите тие обвинети би поднеле тужби пред Судот за човекови права во Стразбур, постапки кои на крајот завршуваат на товар на државата.“ – вели Китески.

Китески и натаму тврди дека дека иницијативата ја поднел самостојно, а тоа што дели иста канцеларија со адвокатот Љупчо Наумовски кој е правен застапник на Гордана Јанкуловска и Едмонд Темелко во случајот „Титаник“ според него е случајност. Вели дека не постапува по ничии сугестии и не е член или симпатизер на ВМРО ДПМНЕ, ниту на друга партија. Додава дека мотивите да поднесе иницијатива пред Уставниот суд му биле професионални и не се однесуваат само на лица осудени за дела поврзани со изборни нерегуларности, туку и за помилување на лица осудени за педофилија, за неовластено пуштање во промет и употреба на наркотични средства, како и за ускратување на правото на претседатлот да не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во државата, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд. Китески истакна дека учествувал во подготовка и на други иницијативи, како и дека деновиве ќе поднесе уште една пред Уставниот суд. 

„Веќе е подготвена иницијатива за оценување на уставноста на одредени одредби од Кривичниот законик, кои се однесуваат на кривични дела против бракот, семејството и младината“. – додаде  Китески. 

Адвокатската канцеларија на Љупчо Наумовски каде како самостоен адвокат работи и Китески, денеска не беше отворена. Адвокатот Наумовски кој е службено отсутен во телефонска изјава за Телма истакна дека не знаел за иницијативата на својот помлад колега и тврди дека не влијаел на него да ја поднесе истата, иако застапува клиенти кои се осомничени за кривични дела поврзани со избори.

-Моите мотиви се да докажам дека тие воопшто не се виновн за дела кои наводно би ги обвиниле. Во овој момент како осомничени нема ниту еден доказ дека доколку има обвинение тие ќе бидат осудени. Така што воопшто моите мотиви не се за укинување на закон. – рече Наумовски.

Наумовски посочува дека е погрешен впечатокот дека со поднесената иницијатива Законот за помилување донесен во 2009 година е укинат или поништен, туку дека се работи само за прифаќање на иницијатива за која Уставниот суд допрва ќе одлучува. 

Г. Момироски

Иницијативата за амнестирање на лица инволвирани во изборни нерегуларности поттекнува од Охрид