Хрватската премиерка Јадранка Косор се закити со охридски бисер кој како подарок го доби од познатиот изработувач на бисер, Климе Талев, кој беше дел од охридската делегација која учествуваше на саемот во Хрватска „Вироекспо“, од 20-23 јануари.

Оваа вест деновиве постојано се врти на хрватските медиуми кои ја издвојуваат како една од поинтересните информации поврзани со одржувањето на саемот. 


 

Ние го имавме подготвено подарокот, за кој секако претходно требаше да го информираме и протоколот кој ни одобри да и го дадеме на Косор. Охридскиот штанд беше меѓу ретките на кои таа се задржа заедно со високата хрватска делегација, вели Талев.


Освен Климе Талев, во состав на охридската делегација учествуваше и претставник од Локалната самоуправа, Регионалната стопанска комора, резбарот Кочо Аиноски, како и претставник од хотелот Ројал.

Во Хрватска настапивме како тим, со чие залагање успеавме да придонесеме Охрид да допре до целата хрватска јавност. Настапот на саемот не беше само презентација на градот, туку организирана промоција која придонесе за остварување на голем број контакти и средби насочени кон промоција на Општина Охрид и привлекување на туристи од оваа земја,   истакна Антонио Балески од Локалната самоуправа.

За време на саемот, Регионалната стопанска комора од Охрид потпиша договор за соработка со Стопанската комора на Вировитичко-Подравската жупанија.


–  Беа одржани разговори меѓу стопанските комори, прво со Стопанската комора на Вировитица со господинот Иван Сланиќ, со кого потпишавме договор за соработка меѓу Регионалата комора на Општина Охрид и тамошната Регионална стопанска комора. Се обврзавме да соработуваме. Најважната работа е што луѓето се расположени да ги обноват старите патеки меѓу Македонија, кои постоеја во бившата држава, и тоа не поведени од политички причини, туку од пријателски, изјави Ружди Муфти од Регионалната стопанска комора.

OhridNews