Охридскиот градски мешан хор „Вокс Лихнидос” ќе настапи на 28-то издание на Меѓународниот хорски фестивал „Тетовски хорски одзиви–ТЕХО 2019”. Фестивалот се одржува два вечери, на 15-ти и 16-ти јуни, а настапот на охридските членови на хорот е во сабота.
- Подготвивме специјална програма од шест композиции. И овојпат имаме композиција од охридскиот композитор Гоце Гавриловски, се работи за „Боса роса“. Ваквите фестивали се одлична можност за средба со хоровите од други земји, размена на искуства и договарање на идна соработка и гостувања, вели диригентот Бурим Хидри.
На сцената во Центарот за култура „Иљо Антески Смок” во Тетово, охридскиот хор ќе се претстави со композициите: „Богородице дјево“, „Марика на стол седеше“, „Кумановка“, „Боса роса“, „Only you“ на Yazoo и традиционалната руска песна „Ryabinushka“.
Оваа година на Меѓународниот хорски фестивал „Тетовски хорски одзиви – ТЕХО 2019” ќе настапат 12 хорови и преку 500 хористи.
OhridNews












