Како што нагласи ректорот на Универзитетот Св Апостол Павле, Благоја Самакоски, преку идната соработка дополнително ќе се придонесе кон зголемување на квалитетот на образованието на студентите на двата универзитети. – Покрај размената на студенти, наставни кадри и проекти, ќе се овозможи и соработка во однос на користењето на лабораториите и просториите со кои располагаат овие два државни универзитети, истакна ректорот Самакоски.
Ректорот на Тетовскиот универзитет Агрон Река потенцира дека за него претставува чест и задоволство да се соработува со охридскиот универзитет, кој иако е најнов, сепак е еден од најдобрите. – На нашиот универзитет имаме насока информатика, па така преку меѓусебната размена и соработка сметаме дека студентите ќе го подигнат досегашното ниво на образование.
Ректорот Самакоски најави дека во септември Охрид ќе биде домаќин на Конференција за информатички науки која ќе претставува уште една можност за соработка помеѓу унивезритетите.