– По утврдените неправилности минатата година Агенцијата за катастар веднаш реагираше и беше сменет раководителот на подрачното одделение. Се постави нов раководител и годинава можам да го пофалам охридскиот катастар со нула нерешени предмети. Буквално сите кои биле примени на шалтерите навремено се решени, изјави директорот Трпески.
И граѓаните потврдуваат дека забележале подобрувања во работењето.
– Охридскиот катастар сега функционира добро, како што треба. Вадев имотен лист и за 10 минути го добив, вели наш сограѓанин.
Како една од основните причини кои довеле до подобрување на состојбата во подрачното одделение , Трпески го наведува воведувањето на електронскиот катастар, со чија примена освен што е поедноставена постапката за вадење документи, овозможува и надлежните постојано да го следат работењето на вработените.
Трпески со својот стручен тим од агенцијата, од денес до 31 јануари, има можност да ги сослуша поплаките и забелешките на граѓаните, во рамки на „Отворените денови со катастарот“, проект кој се реализира веќе шеста година по ред.
– Ги повикуваме граѓаните кои имаат потреба да дојдат и ни ги кажат своите проблеми, да најдеме начин грешките да се исправат или доколку станува збор за проблеми поврзани со други одделенија тогаш да дадеме совет со цел да се решат имотно- правните проблеми на граѓаните, додава Трпески.
Стручните тимови од Агеницијата за катастар на недвижности, истовремено ја реализираат и акцијата за дигитализација на катастарските планови. Во Охрид престојуваат и експертски тимови кои вршат обука и контрола на вработените во подрачното одделение со цел процесот успешно да се заврши.











