На штотуку завршениот 5- ти Интернационален конкурс- натпрвевар на композитори „Хорска лабораторија на 21- виот век″, кој се одржа на 15 мај 2012 год., во Санкт Петерсбург – Русија, беа претставени 162 композиции, меѓу кои и тие на авторот од Охрид Гоце Гавриловски кој освои две награди.

Во категоријата музика на народен текст или обработка на народна песна Гавриловски освои второ место, со композицијата ,,Заблеало″- за женски хор. Во категоријата „Експеримент″, со композицијата „Meditation mix combination“ -за мешан хор, авторот Гавриловски го освои третото место.

Наградените композиции од овој натпревар ќе бидат објавени во зборникот „Хорска лабораторија на 21-ви век“ и во 4-тото издание „Композитор“  – Санкт Петерсбург.

Исто така наградените дела ќе бидат изведени на концерти на хорскиот фестивал ,,Огледало на времето- 21-ви век″ во Санкт Петерсбург на втори декември 2012 год., во салата на Академскиот Оркестар во Санкт Петерсбург.

Нашиот сограѓанин моментно работи како професор на Музичката Академија при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, а како дел од своите идни планови ни го открива учевството на Конкурсот на дело за Симфониски оркестар, пишувано за Македонската Филхармонија.

OhridNews